Не мора да си лекар или поп од Македонија за да се вакцинираш против ковид-19 во Србија
Ирена Витановска, која е доктор специјалист по семејна медицина, минатата недела примила вакцина против ковид-19 во српскиот град Бујановац. Таа вели дека освен здравствните работници од земјава, вакцина во Србија можат да примат и секој жител на Македонија кој поседува српски документ.
Додека земјава сè уште ги чека вакцините против ковид-19 и додека повеќето земји од регионот веќе одамна ги набавија и го започнаа процесот на имунизација на населението, сè повеќе наши сограѓани бараат начини како да се вакцинираат во странство.
Интересно е тоа што поголемиот дел од нив успеваат да закажат термин во соседна Србија и да застанат во редот за вакцинирање.
Обиди за вакцинирање на наши сограѓани се прават и во Албанија, но како што дознава Плусинфо, нашите западни соседи досега набавиле симболична бројка на вакцини, па имунизација се врши само врз здравствените работници кои работат со пациенти болни од ковид-19.
Пријавување по електронски пат
Новинар од Телевизија 24 аплицирал за вакцина во Врање и по неколку обиди успешно поминал на прашалникот, па за кратко време барањето за вакцинирање му било одобрено.
„Ве известуваме дека успешно покажавте интерес за вакцинација против ковид-19“, наведено било во одговорот од српскиот портал Е-Управа, а потоа од српскиот Институт за јавно здравје го известиле дека ќе добие СМС порака за терминот за вакцинација.
Ирена Витановска, пак, која е доктор специјалист по семејна медицина, минатата недела примила вакцина против ковид-19 во српскиот град Бујановац. Таа вели дека освен здравствните работници од земјава, вакцина во Србија може да прими и секој жител на Македонија кој поседува каков било српски документ.
– Мене ме примија како доктор од Македонија и без проблем се вакцинирав. Овој процес го води Институтот Торлак во Србија. Сè е уредно регистрирано. Не можеш да влезеш без претходна најава и без претходно добиен код. Но, освен здравствените работници од земјава, вакцина во Србија можат да примат сите наши сограѓани кои имаат српски документ. Јас имам српски документ затоа што порано работев во Србија. Така можев да се најавам, од српски телефон, преку мои роднини, за да ме регистрира Институтот Торлак. Сè е многу уредно организирано, прво ве повикуваат, ве прегледува доктор, сестрата најавува доза и една сестра ве вакцинира. Таа ќе ви покаже што примате, сестрата всушност ќе ви ја даде во раце вакцината, да знаете што примате – објаснува Витановска.
Српски телефонски број како услов
Вакцина против ковид-19 во Србија прими и Голубинка Бошевска, микробиолог и началник на лабораторија за вирусологија во Институтот за јавно здравје, која сега работи во СЗО во делот за лабораториите во регионот.
Таа на социјалните мрежи објави и фотографија од вакцинирањето.
„Вакцинација со вакцина против ковид-19, за моето здравје, за здравјето на моето семејство и сите познати и непознати“, напиша Бошевска.
Еден од првите наши сограѓани, ако не и прв, кој ја прими вакцината против коронавирусот во соседна Србија, е архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован. Тој вакцината ја прими на 11 јануари годинава.
– Верувам дека има луѓе кои не се плашат да се заразат себеси, но треба да се вакцинираме заради другите, за да не бидеме тие што ќе заразиме некого – изјави тогаш владиката, но не образложи на кој начин стигнал до вакцина.
Инаку, македонските жители кои сакаат да се вакцинираат во Србија, можат да се обидат, да проверат на веб страницата imunizacija.euprava.gov.rs, каде може да се пополни формулар, српската држава тоа го овозможува дури и за граѓани кои се странци и кои немаат постојан престој. Но, условот кој се бара во пријавата за пополнување е да имате телефонски број од Србија за да можете да го добиете кодот кој е неопходен за оваа вакцина.
Двојно државјанство
Директорот на Управата за унапредување на јазиците на заедниците, Милутин Станчиќ, за Плусинфо вели дека познава повеќе луѓе од Македонија кои досега успеале да закажат термин и да се вакцинираат во Србија.
Познавам човек кој успеал да се вакцинира во Србија, а има само македонско државјанство, но прима српска пензија.
– Не знам како е системски, но од лични примери на десетина луѓе знам дека вакцина против ковид-19 во Србија можат да примат оние македонски граѓани кои имаат двојно државјанство. На тој начин тие успеваат да закажат термин за вакцинирање во Србија, во која било општина. Исто така, познавам човек кој успеал да се вакцинира, а има само македонско државјанство, но прима српска пензија. Сметам дека многу е тешко само македонски државјанин да прими вакцина во соседството, туку потребни му се некакви документи, потврда или каква било спона со Србија – објаснува Станчиќ.
На прашањето дали тој лично ќе се вакцинира во Србија или, пак, ќе ги чека вакцините да пристигнат во Македонија, Станчиќ одговори дека сè уште нема размислувано на таа тема.
– Јас имам двојно државјанство. Живеам во Македонија, но имам српска лична карта. Тоа значи дека можам во секое време да закажам термин за да се вакцинирам. Меѓутоа, јас сè уште не сум размислувал на таа тема. Едноставно, преокупиран сум со обврски и не можам да го темпирам времето со одење во Србија. Од друга страна, за жал, не верувам дека за скоро време ќе пристигнат вакцините во Македонија – вели Станчиќ.