Не мора да се менува рамката!

Со новата надворешна политика, ќе ги демантираме и бројните „добронамерни“ измамници, за жал, предводени од Калето, коишто цело време не уверуваат дека за нас, преговарачката рамка е – Библија! Дека е неменлива, а таков документ во светот - нема!? Тоа се истите тие коишто, безмилосно и арогантно, и ни ја скроија и подметнаа.

2,250

Македонија нема потреба да ја менува преговарачката рамка со Унијата! Да, точно разбравте! Место нејзина промена, треба да преземеме други, многу попотребни чекори. Едноставно, таа треба да се елиминира, и тоа на индиректен и суштински начин. Всушност, тоа е и единствениот начин да излеземе од ќор-сокакот и тунелот без излез, во којшто се наоѓаме, и навистина да тргнеме кон Унијата.

Неспорно е дека такви, радикални чекори не може да се очекуваат од сегашната власт (август 2023). Таа докажа дека е спремна да го жртвува македонскиот народ и, не само заради тоа, нивните предавнички политики мора под итно да се сменат. Меѓутоа, ќе мора да се почекаат изборите и промената на власта.






Новата власт, пак, ќе мора веднаш да го промени курсот на порази, на коишто последниве седум години беше изложена Македонија. Потегот е едноставен – треба веднаш да се откаже договорот за (не)пријателство со Бугарија и двата срамни протоколи, коишто се сосема погрешно така наречени. Тие се нови, додатни капитулантски меѓународни договори, коишто не се ратификувани во Собранието, што ја олеснува процедурата на нивно бришење.

Имаме бројни причините зошто можеме, ама и мораме да ги откажеме договорите со Бугарија. Софија целосно ги игнорира речиси сите преземени обврски. Сѐ станува очевидно, и со бегло читање на договорот за (не)пријателство. Впрочем, може ли блокади и уцени да се изрази на пријателство?

По автоматизам, преговарачка рамка станува неупотреблива со откажување на трите документи, што е предвидено со член 13 од договорот за (не)пријателство. Во нејзиниот најважен, и за нас клучен дел, рамката целосно се базира токму врз овие за нас навредливи документи, потпишани од наши генијалци.

Со еден ваков потег, престанува да важи монструозната преговарачка рамка. И, што е најважно, на овој начин нема директно да се конфронтираме со Унијата! Од Брисел нема ништо да бараме! А тие, сакале или не, ќе мораат да се прилагодат на новата ситуација. Нема да им биде право, ама нема да можат ниту да се бунат. Виша сила!

Нема да ги демантираме ниту „добронамерните“ измамници, дека рамката е непроменлива. Таа навистина нема да се менува, туку ќе стане бесмислена. Ќе си остане непроменета, ама во срамниот дел на бриселските архиви.

Впрочем, рамката е резултат на нашата невидена и мизерна сервилност во однос на Бугарија. Договор е меѓу Ковачевски и Петков, искористен од Париз. Сосема е во ред, таа и да испари преку Софија.

Ваквите наши потези ќе предизвикаат жестока бура на протести, негодувања, веројатно и закани од европските и светски центри. Нашата дипломатија и политика ќе бидат на тежок испит. Сепак, тоа кусо ќе трае. Набргу, сите ќе си легнат на брашно, свесни дека ги браниме своите универзални права.

Потоа, Македонија ќе може да бара рамноправен и реципрочен договор со Бугарија и ќе може да отвори процедура на преговори со Унијата, базирана на објективни критериуми (Копенхаген). Не на небулозни диктати и заради расчистување на  историски синдроми на нејзини членки.

Со сегашната преговарачка рамка, шансите некогаш да влеземе во Унијата се симболични или никакви. Мора да ни биде јасно дека, како Македонци и со македонски јазик, Софија нема никогаш да не пушти во Унијата. Бугарија веќе недвосмислено и одлучно ни стави до знаење дека за македонизмот нема место во Брисел. Нивното Собрание нема никогаш да ратификува таков документ за наше членство.

Без ваква, радикална промена во нашето однесување, бугарскиот башибозлук, целосно поддржан од клучните меѓународни фактори, пред се’ заради нашата сервилност, ќе продолжи да прави што сака. Со сегашната рамка, Софија  нема никакви ограничувања за реализацијата на своите историски синдроми. Бришењето на Македонците е при крај, а тоа не е само нејзин интерес.

Во новите услови сѐ ќе биде поинакво. Сѐ ќе зависи пред сѐ од нас, почнувајќи од внатрешните реформи. Ако продолжиме вака – капитулантски и предавнички, нема некаде да стигнеме.

Ова е сосема реална проекција особено со оглед на фактот дека Унијата уште долго нема да се шири и дека Софија нема да дозволи наше нормално членство. Тоа дава доволно простор да ги расчистиме односите со Бугарија и да тргнеме по правиот пат кон Брисел. Сѐ друго е губење време.

Со новата надворешна политика, ќе ги демантираме и бројните „добронамерни“ измамници, за жал, предводени од Калето, коишто цело време не уверуваат дека за нас, преговарачката рамка е – Библија! Дека е неменлива, а таков документ во светот – нема!? Тоа се истите тие коишто, безмилосно и арогантно, и ни ја скроија и подметнаа.

Таа е и нелегална бидејќи е надвор од праксата на Унијата, спротивна е на нејзините принципи и вредности, и претставува жртвување на Македонија за туѓи интереси. Сепак, мора да се признае дека дереџето во коешто сме доведени е заслуга на нашите некадарни политички аматери.

Сега е веќе прилично јасно дека уставни промени – нема да има. Ќе мора да се почекаат редовните парламентарни избори бидејќи власта, свесна за своите тешки криминали, не сака предвремени. Впрочем, кој би брзал за да заврши во зандана?

Откако ќе заврши скринингот, земјата ќе се најде во тешка ситуација. Заради апсурдниот ултиматум за промена на Уставот, преговорите за членство нема да бидат отворени.

Немањето преговори, пак, ќе биде хендикеп за државата, и сериозен товар за опозицијата. Од сите страни, таа ќе биде изложена на жестоко бомбардирање дека е против членството во Унијата, против иднината на државата…

Во сето тоа нема да има ниту грам вистината, ама ќе биде одличен повод за странците, коишто веќе 30 години неуморно работаат на затворање на „Македонското прашање“, да се обидат да се пресметаат со опозицијата, којашто не е спремна да капитулира. Заради името, го ликвидираа и Н. Груевски.

Меѓутоа, доколку сакаме да преживееме како народ, избор – немаме. Бурата ќе мора да се издржи и на изборите да се излезе со сосема јасни и прецизни политики, разбирливи за народот. Мора отворено да се каже дека односите со Бугарија ќе бидат поставени на сосема нови и рамноправни основи. Без налудничави отстапки, како до сега.

Тоа ќе биде голем предизвик, ама и извонредна прилика да се понуди излез од ќор-сокакот и темниот тунел, во којшто сме веќе предолго.

Откако ќе заврши скринингот, само навидум ситуацијата ќе изгледа безизлезна. Тоа ќе биде и прилика да се тргне во офанзива за реални перспективи, во интерес на сите граѓани. Ќе мора да се подготви комплетно сценарио за победа на изборите, во согласност со состојбите. Место за ракавици – нема да има. Рејтингот на опозицијата ќе биде под силен притисок заради одложувањето на преговорите за членство. И таа бура ќе мора аргументирано да се издржи.

Сепак, најважно од сѐ е што новата власт ќе има историска шанса да започне со исправање на катастрофалните грешки, направени последниве години. Ако се сака успех, тоа мора да биде преку радикални промени. Сите што размислуваат со своја глава, веќе мора да се свесни дека клучот на сите наши голготи, низ коишто поминувавме последниве години, својот непосреден корен го имаат токму во капитулантските договори со Бугарија.

Поврзани содржини