НЕ МЕ ИНТЕРЕСИРА ДАЛИ НЕКОЈ Е ОД ВМРО ИЛИ ОД СДСМ Вработените ги делам на чесни и на криминалци
Новиот градоначалник на Општина Кисела Вода делува амбициозно, мотивирано, самоуверено, но и постојано е реален и приземен. Веднаш по стапувањето на функцијата се откажа од службеното возило, а сам си ги плаќа кафињата и водите кои им ги нуди на посетителите.
Орце Ѓорѓиевски изгледа љубезно и срдечно на прв поглед, а уште во првата минута од разговорот ќе ве увери дека тој нема никаква врска со генералното мислење што го имаме за политичарите.
Тој е директен, отворен, транспарентен, не внимава премногу на формата и повеќе е сконцентриран на суштината.
Новиот градоначалник на Општина Кисела Вода делува амбициозно, мотивирано, самоуверено, но и постојано е реален и приземен. Веднаш по стапувањето на функцијата се откажа од службеното возило, а сам си ги плаќа кафињата и водите кои им ги нуди на посетителите. Вели дека не му паѓа на памет да реализира партиски вработувања, ниту, пак, има намера на било кого да му „нацрта“ маркица за градење. Јавно порачува дека нема долгови кон никого и дека функцијата им ја должи единствено на граѓаните, кои не ги дели по ниту еден основ.
Интервјуто го направивме на десеттиот ден од неговото стапување на функцијата.
На изборите победивте со убедлива разлика. Сега откако седнавте во градоначалничката фотелја дали станавте свесен за одговорноста?
Свесен бев за одговорноста уште пред да станам градоначалник, знаев во што се впуштам. Знаев, иако не детално, со колкави долгови ќе ја затекнам општината. Знаев и за обемот на вработените на администрацијата. Во изминативе четири години бев координатор на Советот на Општина Кисела Вода и делумно бев запознаен со ситуацијата, иако транспаретноста не беше потполна.Ниту ние советниците располагавме со доволен број на информации, а тоа важеше и за јавноста. Свесен сум и за сите проблеми во општината и спремен сум да ги решам. Во 08.30 наутро го оставам синот во градинка и доаѓам на работа, каде знам да останам и до 22 часот. Така е и в сабота и в недела, бидејќи ова со срце го работам и многу ме исполнува и не чувствувам никаков замор. Баш денеска започнавме да го реализираме проектот, со кој од депонии создаваме паркови, па токму тоа ми дава дополнителна сила. Затоа и често знам доцна во ноќта или во раните утрински часови да отидам до местата каде се одвиваат работите, да проверам колку напреднале службите во расчистувањето на теренот.
Самиот рековте дека се залагате за апсолутна транспаретност во работењето на општината, но и инсистирате на ефикасно работење на администрацијата. Како мислите да го смените менталитетот на луѓето што со години работат во општинските служби?
Постојат два начини тоа да се реализира. Или вработените ќе го прифатат мојот начин на работа или во спротивно нека си побараат вработување во други институции. Дента кога станав градоначалник на Кисела Вода, станав градоначалник на сите граѓани. Јас и во кампањата не настапив партиски, туку предложив граѓански концепт и нема причина сега да се менувам. Затоа ни вработените, ни граѓаните не ги делам по партиска припадност и нема да дозволам ниту еден човек во општината да страда поради реваншизам. Исто така за мене не прави разлика дали некој е припадник на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или друга политичка партија, во делот кога некој треба да си ги извршува работните задачи. Вработените ги делам на работници и неработници или чесни работници и криминалци. Тука во општината имавме заспани административци, не по нивна вина, туку по вина на претходното раководство. Начекав поголем број на луѓе кои воопшто не доаѓале на работа, а земале плата. Побарав од службите да се поведе постапка против посочените вработени, откако во првата фаза на постапката се пронајдени 17 лица кои од некоја причина воопшто не се ни појавувале на работните позиции, но верувам дека ги има повеќе. Тоа нема да се толерира.
Вашиот претходник(Филип Темелковски) пред извесно време претстави план за урбанизација на локалитетот „Расадник“. Каков е вашиот став околу тоа?
Наредната недела имам намера да го исполнам своето предизборно ветување, а тоа е да се распише меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за идниот изглед на „Расадник“. Потоа е планирано оформување на советодавно тело, во кое ќе влезат претставници на жителите на посоченото населено место, сопствениците на парцелите на кое е предвидено градењето, од невладиниот сектор и стручни лица како архитекти, инженери и други експерти за просторно палнирање. Ова тело независно од мене или Советот на општината, ќе го одбере најдоброто идејно решение. Јас во по ова прашање не се прашувам, иако моја желба е таму да има парк и црква.
Четири години подоцна, по што би сакале граѓаните да го паметат вашиот прв мандат?
Мојата максима е кога влегувам во нешто, да не правам капки туку бранови. Мојата желба е по 100 години, моите правнуци да прошетаат по општината и да знаат дека тоа го изградил нивниот прадедо градоначалник. Тоа значи дека сите капитални проекти предвидени за реализација во наредните четири години, а најголемиот дел од нив насочени кон подобрување на животот на граѓаните, ќе бидат целосно реализирани. Најбитно ќе биде да изградиме поликлиника во општината. Веднаш ќе расчистиме парцела, која ќе ја понудиме на Министеството за здравство. Доколку од таму нема интерес за поликлиника, ќе пробаме со јавно-приватно партнерство да го подигнеме нивото на здравствена заштита во нашата општина. Доколку и тоа не вроди со плод, тогаш ќе најдеме приватна клиника која би сакала да инвестира, но Кисела Вода набргу ќе добие поликлиника. Предвидени се и други битни проекти, но морам да потенцирам дека во најскоро време ќе санираме улици кои не се чепнати повеќе од 30 години. Луѓето од одредени населби цапаат по кал кога си доаѓаат дома. Тоа ќе мора итно да се реши. Да не ја заборавиме и културата, која и речиси како да ја нема во нашата општина. Би сакал во наредната година да добиеме барем едно кино, а потоа и да ги опремиме културните домови кои се во очајна состојба. Планираме и заживување на одредени културни манифестации, кои изминативе години потполно замреа.