„НЕ КРИЈТЕ СЕ ЗАД ДРЖАВНА ТАЈНА, ОБЈАВЕТЕ ГИ ДОКУМЕНТИТЕ“ Во мојот мандат Мицкоски не бил прислушуван, тврди ексдиректорот на АНБ Виктор Димовски

Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ беше споменат периодот 2019–2024 година, во дел од кој јас ја извршував функцијата директор, одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија во периодот 2019–2022 година, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, напиша Виктор Димовски на Фејсбук.

955

Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, преку објава на Фејсбук реагираше на сериозните обвинувања изнесени од премиерот и од актуелниот директор на АНБ, за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), како и бизнисмени и новинари.

„Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ беше споменат периодот 2019–2024 година, во дел од кој јас ја извршував функцијата директор, одговорно тврдам дека тој, како лидер на тогашна опозициска партија во периодот 2019–2022 година, не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата. Не бил предмет на организирана оперативна работа, ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, напиша Димовски.






Тој прецизираше дека во наведениот период, согласно законските надлежности, во АНБ имало постапка за преиспитување на безбедносните сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање класифицирана информација, за што, како што вели, била поднесена кривична пријава до обвинителството.

„На мое барање, на дневен ред на собраниската Комисија за надзор на работата на АР и АНБ беше ставена точката за информирање за случајот и за изнесените наводи во медиумите“, додава Димовски.

Тој упати и јавно барање до актуелниот директор на АНБ веднаш да ги декласифицира сите документи поврзани со наводните злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата.

„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања. Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот ‘класифицирани информации’, особено по последните објави во некои ‘информирани медиуми’, кои лиферуваат конкретни имиња на лица што наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, истакна Димовски.

ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ, ВИЛМА РУСКОВСКА И НОВИНАРИТЕ ЛАНДОВ И ЗЛАТЕВ БИЛЕ ТАРГЕТИ Списокот на незаконски следени и прислушувани јавни личности е многу поголем

Поврзани содржини