„НЕ КОМЕНТИРАМ УКАЗИ И НАРЕДБИ КОИ СЕ СОГЛАСНО ЗАКОНИТЕ“ Лафчиски ги отфрли дилемите за неговото унапредување

Началникот на ГШ, генерал мајор Лафчиски прашан дали го контактирале од ДКСК и кој е неговиот коментар за тоа, рече дека ова е прашање во надлежност на претседателката на државата, но и тој смета дека се е согласно закон.

879

По прашањето што во јавноста се отвори околу неговото поставување за началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал мајор Сашко Лафчиски во својата прва изјава за медиумите на оваа тема денеска рече дека не сака да коментира укази и наредби кои се согласно закон.

Началникот на ГШ, генерал мајор Лафчиски прашан дали го контактирале од ДКСК и кој е неговиот коментар за тоа, рече дека ова е прашање во надлежност на претседателката на државата, но и тој смета дека се е согласно закон.






– Јас, пред сѐ, сум војник, носам униформа. Тука сум да командувам и да раководам со Армијата и да служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а помалку не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон – рече Лафчиски.

На ова се надоврза министерот за одбрана Владо Мисајловски кој потврди дека назначувањето на началникот на ГШ на Армијата генерал – мајор Сашко Лафчиски е согласно закон и сите прописи. Тој додаде дека до министерството за одбрана е пристигната преставка од Антикорупционерите.

– Стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и од стана на ГШ, исто така има доставено до претседателката, сите заеднички ќе одговориме. Но јас сакам да ве уверам дека е согласно закон и сите прописи – рече Мисајловски на новинарско прашање по примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарна „Илинден“.

Државната комисија за спречување корупција отвори предмет во врска со назначувањето на Лафчиски за нов началник на Генералштабот на Армијата, по претставка од страна на опозициската Алијанса за Албанците која смета дека „тој не ги исполнува потребните услови за позицијата, бидејќи наводно бил четири нивоа под стандардите што се бараат за позицијата, и оти неправедно и незаконски го зазел местото што му припаѓало на Албанец“.

Поврзани содржини