НЕ КАТНИ ГАРАЖИ, ТУКУ ЕДНОНАСОЧНИ УЛИЦИ СО ОБЕЛЕЖАНИ ПАРКИНГ-МЕСТА Митески најавува брзо решение за паркирањето во Аеродром

Не можеме да изградиме катна гаража за 6 месеци, но можеме за 6 месеци да обезбедиме до 800 нови паркинг места. Ова решение се базира на користење на постојната инфраструктура, без дополнителни големи трошоци, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески.

870

Недостигот на паркинг места и хаосот во сообраќајот наместо со нереални ветувања за катни гаражи кои бараат години за изградба и милионски буџети, ќе се реши со брзо и практично решение – еднонасочни улици со обележани ленти за паркирање, најави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески.

– Не можеме да изградиме катна гаража за 6 месеци, но можеме за 6 месеци да обезбедиме до 800 нови паркинг места. Ова решение се базира на користење на постојната инфраструктура, без дополнителни големи трошоци – вели Митески.






Оваа стратегија носи три големи придобивки за жителите на Аеродром, додава тој.

– Прво, значително се зголемува бројот на достапни паркинг места во густо населените зони, со рационално искористување на секој метар улица. Второ, се создава можност за воведување велосипедски патеки на делови каде што ширината тоа го дозволува, поттикнувајќи здрави и еколошки навики. И трето, самата организација на еднонасочните улици природно го намалува брзото движење на возилата, придонесувајќи кон побезбедно и покултурно сообраќајно однесување. Со новиот сообраќаен режим, улиците ќе станат поуредени, побезбедни и попрактични. Наместо да вложуваме време и средства во невозможни проекти, се фокусираме на решенија што граѓаните ќе ги почувствуваат веднаш – порача Митески.

Новиот режим на сообраќај ќе почне да се применува постепено во најоптоварените делови од општината, со цел да се обезбеди ред, безбедност и подобар квалитет на секојдневниот живот за сите жители.

Поврзани содржини