НЕ ИМ УСПЕВА ПЛАНОТ ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА, ПА СЕ ИСПЛАШЕНИ Според Мицкоски таблата на Блаце е дел од планот, се стега обрачот околу политичките криминалци

Оливер Спасовски се обидува да ја спаси кариерата со медиумски егзибиции, и треба да завршиме со такви медиокритети ако сакаме да одиме напред, рече премиерот Мицкоски во врска со обвинувањата од Спасовски дека членови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го предизвикале инцидентот кај црквата во Галате .

474

Исплашени се политичките криминалци затоа што не им успеваат плановите за дестабилизација, а обрачот околу нив се стега, рече денеска премиерот Христијан Мицковски коментирајќи го случајот со граничниот премин Блаце каде деновиве беше поставена, па заменета табла на која називот на преминот беше напишан само на македонски јазик, по што остро реагираа поранешни функционери од ДУИ.

– Не знам која институција е одговорна за таблите, мислам дека тоа не е институција, туку тоа е дел од планот за дестабилизација на оние криминални структури кои изминативе години се богатеа на грбот на народот, на оние политички криминалци, кои малку си играа со институциите, малку со издавање лиценци за диви видеолотарии, за онлајн лотарии, итн. Тие се сега исплашени, добиваат информации како истрагата се доближува до нив и реагираат на овој начин, прават обиди за дестабилизација на државата, ама не им успева, па сега се во уште поголема паника. И треба да се загрижени – рече премиерот.






Запрашан да ги коментира изјавите на пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски дека функционерите на ВМРО-ДПМНЕ редовно се координираат во Мала Речица, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека „Фројд работи кај луѓето и потсвеста се проектира кон другите“.

– Ако Спасовски мисли дека оние моменти кога раководството на СДСМ коленичеше во Мала Речица, кога молчеше додека министри си играа фудбалчиња, кога се понижуваа граѓаните без разлика на етничката припадност, кога тој дење приведуваше, а вечерта мораше да ги ослободува приведените затоа што од Речица некој му наредуваше, дека тоа сè уште важи – се лаже. Таквите времиња поминаа, а таквите политики се одамна поразени. Граѓаните очекуваат развој, подобра економија, нови работни места. Политичките медиокритети нека останат во политичкото мочуриште, со вакви типови на високи или ниски претстваници, а ние ќе работиме за подобри услови и стандард – рече Мицкоски.

Тој ги коментираше и обвинувањата од Спасовски дека членови на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди ги посочи како организатори на инцидентот со црквата во Галате.

– Што очекувате од Спасовски кој на светски наркодилери им даваше пасоши. Тој се обидува да ја спаси кариерата со медиумски егзибиции, затоа што ако не е во политиката не знае што да прави. Од шеф на кабинет на градоначалник до манипулатор кој се обидува да привлече внимание, но не успева. Ја навредува интелигенцијата на граѓаните, кои имаат степен на одбивност. Треба да завршиме со такви медиокритети ако сакаме да одиме напред.

По обвинувањето на албанската опозиција дека таблите со албански јазик се отстранети од граничните премини и се заменети со нови само на македонски, англиски и на француски јазик, викендов реагираше коалицијата Вреди, дека станува збор само за табла на преминот „Блаце“ која била пуштена во употреба од поранешните директори на Претпријатието за државни патишта. Вицепремиерот Изет Меџити ова го оцени како тенденција за дестабилизација информираше дека таблата е веднаш заменета.

– Вреди го покри срамот на ДУИ. Таа табла е поставена врз основа на оние 2 километри што беа продолжени, врз основа на проектот предводен од Ејуп Рустеми. Освен што тоа што го направи компанијата што го изгради патот, тоа го направи и фирмата што го доби тендерот за сигнализација што е многу блиска до ДУИ – порача Меџити.

Поврзани содржини