„НЕ ИМ ПРЕЧАТ ЗДЕЛКИТЕ СО БЕЛОРУСИЈА ДОДЕКА ГО ОЦРНУВААТ ВМРО-ДПМНЕ“ Клековски вели дека не постојат руски конекции во партиите во Македонија
Јас одговорно тврдам дека во Македонија не само ВМРО-ДПМНЕ, туку голема главна политичка партија нема какви било руски или проруски конекции, изјави Клековски во гостување на ТВ Алсат.
„Немате што да кажете што ќе постигнете бидејќи никој нема да ви верува, тогаш се враќате на заплашување на луѓето со Русија како Баба Рога, истовремено таа власт што нè заплашува дека изборот е меѓу Европа и Русија не ѝ пречи да прави зделки со конзулот на Белорусија во Битола или не ѝ пречи да прави зделки со црногорски бизнисмен кој е на црната листа“.
Вака изјави Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување на Телевизија Алсат. За наводните проруски конекции на партијата тој вели :
– Јас одговорно тврдам дека во Македонија не само ВМРО-ДПМНЕ, туку голема главна политичка партија нема какви било руски или проруски конекции.
Клековски смета дека токму ваквиот начин на водење црна кампања против опонентот за наводна проруска ориентираност е одраз на неуспешното водење на државата и на немањето постигнувања во седумгодишното владеење, на СДСМ и на ДУИ за што, според него, единствена опција им е да се служат со црни кампањи за да го напаѓаат противникот.
– Наместо да се води кампања за тоа што ќе постигнеме, ДУИ и СДСМ немаат таква кампања, немаат резултати со кои би се фалеле. Многу жално е што денеска премиерот Талат Џафери отвораше реконструиран пат од 3 километри. Тоа е врвот на постигнувањата во седум години. Мислам дека граѓаните не треба веќе да слушаат што се зборува туку да гледаме што се прави – дополнува Клековски.