НЕ ГРИЖЕТЕ СЕ ЗА ВАШИТЕ ПАРИ ВО БАНКИТЕ Народна банка го оцени банкарскиот сектор за стабилен

Народна банка смета дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување, а стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму.

454

И во вториот квартал од годинава банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност, со подобрена солвентност, добра ликвидност и со задржан квалитет на кредитното портфолио, оцени Советот на Народна банка.

„Во вториот квартал од 2024 година, банките работеа во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките беше поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината“, се вели во оценката.






Народна банка смета дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување, а стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму.

-Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40% од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни” над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена – велат од НБ.

Се оценува и дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува како резултат на зголемувањето  на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период.

Според НБ, ликвидноста на банкарскиот систем и натаму е на задоволително ниво, профитабилноста се подобри, но побавно од лани, додека кредитното портфолио на банките го задржа квалитетот.

Советот предупредува дека условите и натаму се неизвесни, а ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат.

– Оттука, потребна е натамошна претпазливост во управувањето со ризиците и во водењето на политиките, а Народната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, ценовните нивоа и на банкарскиот сектор – велат од НБ.

Поврзани содржини