НЕ ГО ПОЗНАВАМ БЕКИМ САЛИ, АМА ЌЕ МУ ГО ПРЕНЕСАМ ИСКУСТВОТО Филипче не гледа потреба од заострување на мерките

Не гледам зошто специфично и само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири сега пред Нова година традиционално има секаде во огромен број луѓе се собираат, истакна министерот за здравство во заминување, Венко Филипче.

580

Министерот за здравство Венко Филипче кој од декември 2017 година е на чело на здравството, а кој сега треба да биде заменет со Беким Сали од Алтернатива, рече дека не го познава лично својот наследник, но и дека сака да се сретне со него за да му го пренесе искуството.

Филипче денеска при посетата на Клиниката за ортопедија меѓу другото рече и дека му е жал што за време на неговиот мандат не успеале да го започнат проектот за изградба нов клинички центар и апелираше до опозицијата да го одблокира законот.






– Јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се унапреди здравствениот систем на највисокото ниво на здравствена заштита, а тоа е терцијарната. И покрај сите реновирања што ги прави за да се модернизираат условите во кои работиме, сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бараат и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура што не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам опозицијата во периодот што доаѓа да го одблокира законот, тоа е одличен проект, граѓаните заслужуваат нова модерна болница – истакна Филипче.

Министерот пред новинарите нагласи дека е горд на одличната соработка со здравствените работници и за нивниот ентузијазам дека може да се постигне сè доколку се работи со љубов кон работата.

– Горд сум на соработка и координација во едни од најтешките периоди во историјата на државата. За жал, нè снајде пандемија во целиот свет и кај нас. Покажавме ние здравствените работници со ентузијазам, со голема желба и љубов кон работата да се успее во целокупниот третман на пациентите, да се успее во реорганизацијата на здравствениот систем. Успеавме да обезбедиме болнички кревети, соодветен третман за сите пациенти. Понатаму горд сумна тоа што направивме да сите процеси во Министерството за здравство се одвива инклузивно, никој да не оставиме по страна и сите чинители да учествуваат во креирањето на политиките. Тука се колегите со стручните здруженија, тука се здруженијата на пациенти со различни болести и тука се граѓанските организации – потенцира Филипче.

Горд сум, рече министерот, што со помош на премиерот Заев успеале да инвестираат блузу 30 милиони евра за зголемување на примањата на здравствените работници, како и за обезбедеувањето на оргинални лекови и укинувањето на паралелен увоз на лекови. 

Во однос на пандемијата, Филипче рече дека засега не се планираат рестриктивни мерки за празниците, а дел од ковид центрите и целата интерна клиника се враќаат во нормала.

Според него, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде. Практично, вели тој, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.

– Не гледам зошто специфично и само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири сега пред Нова година традиционално има секаде во огромен број луѓе се собираат – нагласи Филипче.

Во однос на вакцинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.

– Сметам дека опфатот којшто според новиот попис веројатно негде помеѓу 50, па дури и 55 проценти ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат. Така да, во таа смисла имајќи ја дополнително предвид тоа што болниците се навистина растеретени, дел од ковид центрите веќе се затвораат. Во почетокот на следната недела целата интерна клиника ќе се врати во нормална работа.Значи Одделот за неврологија и дерматологија се враќа во нормална работа, сите ковид капациетни тука ќе бидат сместени само на Инфективната клиника. Сметаме дека ситуацијата е мирна – потенцира Филипче.

Сепак, рече тој, не може да се предвиди како ќе биде, дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата.

– Сметаме дека и сега излегуваат официјални податоци од студии дека значајно се зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон, кога се прима третата доза. Сериозно за неколку десетици проценти ефикасноста на вакцинацијата се зголемува и затоа инсистираме да продолжи вакцинацијата, граѓаните кои се вакцинирани со две дози да примат и трета доза – истакна Филипче.

Министерот нагласи дека со овој опфат на вакцинација ние во конитинуитет сме во подолг временски период на намалување на бројот на случаите.

– Тоа не значи дека треба да бидеме сигурни или можеби несигурни дека таа ќе продолжи, можеби некој нов сој ќе ја смени епидемиолошката ситуација. Затоа сметам дека треба да продолжиме на овој начин интензивно да ја следиме ситуацијата, по региони, по градови да се пратат бројките, а мерките засега се добри – истакна Филипче.

Поврзани содржини