НЕ ГО ОТФРЛАЈТЕ ЛЕСНО СЛУЧАЈОТ „БРОИЛО“ Мицкоски до Антикорупциска комисија
Се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните – рече Мицкоски.
Се надевам дека членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата многу сериозно ќе му пристапат на случајот „Броило” и дека нема така експресно да делуваат како што тоа предвреме го направи претседателката Билјана Ивановска, на прашање на еден медиум – изјави Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека внимателно ќе го следат процесот за аферата „Броило”, што според него е „воено профитерство на Ковачевски и лош пример за сите во државата, коишто имаат такви амбиции”.
– Гледам дека денеска има став од Антикорупциска комисија, од претседателката Билјана Ивановска дека таа не видела случај без да ја види претставката која што евентуално како политичка партија би ја поднеле до Државната комисија за спречување на корупцијата. Се надевам дека нема така експресно да делуваат како што тоа го направи денеска предвреме на прашање на еден медиум, и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните. Тие на времето ги викаа воени профитери, народот едвај крај со крај врзува, од први до први, компаниите се борат едвај да опстанат, а некој на грбот на народот профитира, тргува со влијание. Тоа не е добро, тоа е многу лошо и тоа е лош пример за сите во државата кои што имаат такви амбиции, затоа многу внимателно нека го гледаат и ние ќе го следиме внимателно овој процес, истакна Мицкоски.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска претходно изјави дека нема основа за отворање случај против премиерот за случајот „Броило”.
Во меѓувреме СДСМ објави соопштение во кое вели дека „потонаа фабрикуваните лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, кои со денови ги пласираа против претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски“.
„Државната комисија за спречување на корупцијата ги демантираше измислените афери на ДПМНЕ, нема основа за покренување постапка против претседателот Ковачевски. Тоа е очекувано и реално. Се потврди она што Ковачевски јавно го кажа, дека тој се повлекол од компанијата уште во 2020 година и дека сè е транспарентно објавено во неговиот Анкетен лист. Уште еднаш се потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не е способна за ништо освен да шири лажни вести, да конструира непостоечки афери со кои ја замајува јавноста. Сега Мицкоски, Лефков и сите оние кои јавно ширеа лаги да им се извинат на граѓаните како и на Ковачевски за сите изнесени лаги.