НЕ ГЛЕДАЈ ВО ТЕЛЕФОН ДОДЕКА ПОМИНУВАШ УЛИЦА! Батали слушалки, гледај го возачот во очи

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, реализираат кампања за безбедност на пешаците под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци“.

100

Овој период од годината следи зголемување на температурите и одбележување на Велигденските празници што значи дека е зголемено движењето на пешаците, а зголемен е и бројот на возила кои се упатуваат на викенд дестинации или на подалечни патувања. По тој повод, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност од Скопје, реализираат кампања за безбедност на пешаците под мотото „И јас и ти – сите сме пешаци“.

Целта на кампањата е подигање на свесноста на пешаците за опасностите со кои може да се соочат во сообраќајот, како и за подобрување на нивната безбедност. Кампањата ќе се реализира во повеќе населени места низ целата држава, а ќе се спроведува преку превентивно-едукативни активности во директна комуникација со пешаците и возачите заради изградување на правилни сообраќајни навики и етичко однесување на сите категории учесници во сообраќајот.






Пешаците треба да знаат дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата. Пешаците, исто како и возачите, често се жртви во сообраќајни незгоди. Според статистичките податоци во РСМ, во последните 3 години, 15-25% од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци, односно 20-25 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Ваквата статистика укажува дека неопходно е преземање превентивни мерки за зголемување на безбедноста на пешаците во сообраќајот, како и за подигање на свеста на пешаците и возачите за почитувањето на сообраќајните правила и прописи и за совесно учество во сообраќајот затоа што безбедноста на пешаците и на возачите треба да биде заедничка грижа.

Затоа, РСБСП на пешаците им препорачува да поминуваат улица само на означен пешачки премин или на крстосница, да се движат по тротоар или по патека наместо по пат, и тоа свртени кон сообраќајот доколку тротоар или патека не се достапни. Пешаците да остварат контакт со очи со возачот на возилото што доаѓа кон нив, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за пешаци, но секогаш да ја имаат предвид и сигнализацијата за возачите, да носат светла или рефлектирачка боја кога поминуваат на пешачки премин во ноќни услови и да не користат мобилен телефон или слушалки додека преминуваат на пешачки премин.

„Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Преминувајте внимателно и тоа на означен пешачки премин. Безбедноста и на пешаците и на возачите нека биде заедничка грижа“, апелираат од РСБСП.

Поврзани содржини