НЕ ГИ ЗАНЕМАРУВАЈТЕ СИМПТОМИТЕ Многу пациенти доцна одат на лекар
Оваа криза меѓу другото, добро се менаџира и со навременото споделување на точни информации до граѓаните. Водиме сметка за сите сегменти. Нигде не е скратено - посочи министерот.
Протоколите за лекување на лицата со ковид-19 се донесени уште минатата година, а ревидирани се во март годинава, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со забелешките на лекарите дека нема протокол за овој бран на ковид-19.
– Тоа сето е согласно сите препораки за лекување на овие пациенти. Тоа е протокол кој важи на територија на цела држава, во сите болници. Во сите болници ја има целата терапија, скапиот лек „ремдесвир“ кој што го набавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран и во сите ковид центри го има. Што значи дека протоколот е унифициран – рече Филипче.
Според него, има голем број пациенти кои доцна се јавуваат на лекар.
– Има една одредена бројка на луѓе кои ги занемаруваат симптомите. Затоа апелирам сите да се јават и кај матичните лекари и во болнички установи ако забележат макар и најлесни симптоми – вели Филипче.
Во однос на бројката на починати, министерот рече дека и за време на овој бран огромен број од починатите се со хронични болести и тоа најчето на кардиоваскуларниот систем и на белите дробови.
Следната недела се очекува нова анализа од Институтот за јавно здравје и МАНУ за тоа колкумина од заболените се со делта сојот. Последната анализа, според Филипче, покажала дека две третини од заразените биле со делта сој.
Во однос на новата владина кампања „Вакцинирај се“, Филипче наведе дека тоа што се инвестира во кампањи воопшто не значи дека се скратени средствата на некое друго место.
– И во претходните месеци имаше активни кампањи, со тоа што тоа не беа кампањи на Владата, меѓутоа плански беше тоа направено. Најпрво започна кампањата на УНИЦЕФ, па на Делегацијата на ЕУ. Сега како следен чекор, нашата кампања на Владата. И вие, медиумите сте еден од нашите најголеми партнери во борбата со пандемијата. Оваа криза меѓу другото, добро се менаџира и со навременото споделување на точни информации до граѓаните. Водиме сметка за сите сегменти. Нигде не е скратено – посочи министерот.
Тој рече дека се разгледуваат и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.
– Сето тоа се разгледува од страна на експертите. Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата – рече министерот.