НЕ ГИ НАПАЃАМЕ СОСЕДИТЕ, ТУКУ АМЕРИКАНСКИТЕ БАЗИ НА НИВНА ТЕРИТОРИЈА Шефот на дипломатијата ја објаснува иранската стратегија

Нападнавме американски цели и американски бази, американски инсталации, кои за жал се наоѓаат на територијата на нашите соседи - рече Арагчи во интервју за Ен-Би-Си Њуз.

161

Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, денеска изјави дека иранските напади не се насочени кон соседните муслимански земји, туку кон американските воени бази и инсталации во тие земји.

– Не ги нападнавме нашите соседи. Не ги нападнавме муслиманските земји. Нападнавме американски цели и американски бази, американски инсталации, кои за жал се наоѓаат на територијата на нашите соседи – рече Арагчи во интервју за Ен-Би-Си Њуз (NBC News).






Откако САД и Израел започнаа напади низ Иран минатиот викенд, Исламската Република возврати со истрелување ракети и беспилотни летала низ регионот, напаѓајќи ги Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати и други земји.

Иранскииот министер за надворешни работи изјави дека разговарал со своите колеги од овие земји за да им објасни дека тие не се цел на напади.

Бригадниот генерал Ебрахим Џабари од Иранската револуционерна гарда во понеделникот изјави за иранската државна телевизија дека Ормутскиот теснец е затворен и дека сите бродови што минуваат низ него ќе бидат запалени.

Кога новинарот на Ен-Би-Си го праша Арагчи за оваа закана, тој одговори дека нема закана и дека теснецот е отворен.

„Не го затворија. Бродовите и танкерите се тие што не се обидуваат да поминат низ теснецот бидејќи се плашат дека ќе бидат погодени од која било страна. Немаме намера да го затвориме сега, но како што продолжува војната, ќе ги разгледаме сите сценарија“, рече Арагчи.

Ширењето на војната низ регионот, исто така, го покрена прашањето дали клучните сојузници на Иран, Русија и Кина, би можеле да се приклучат на борбата на некој начин, објави Ен-Би-Си.

„Тие нè поддржуваат политички и на други начини“, рече Арагчи, но одби да објасни дали тоа вклучува воена поддршка.

„Нема да дадам детали за нашата соработка со други земји, во екот на војната“, рече тој.

Помалку од една недела од почетокот на конфликтот, Арагчи рече дека неговата порака до американскиот претседател Доналд Трамп е дека планот на САД за постигнување „чиста, брза победа“ не успеал.

„Нема начин тие да ја добијат оваа војна. Колку и да е потребно, ние ќе се спротивставуваме. Затоа е подобро за нив да ја сопрат оваа војна и да престанат да ги убиваат нашите луѓе“, рече тој.

Поврзани содржини