НЕ ГИ ЧЕПКАЈТЕ НАТО И ЕУ Поништувањето на договорите и репреговарање ќе значи загуба на нови 20 или 30 години, порача Пендаровски

Стево Пендаровски на завршниот митинг во Битола истакна дека во изминатите 5 години како претседател, не бил безгрешен, но грешките биле за поединечни прашања и не биле системски, не била загрозена иднината и не бил доведен во прашање опстанокот на државата.

86

Актуелниот претседател и кандидат од СДСМ за нов мандат, Стево Пендаровски изборната кампања пред гласањето од првиот круг на претседателските избори ја заврши вечерва со митинг во Битола.

– Независно од нашата големина, сега сме рамни и на иста маса со САД, Франција, Канада, Германија…, затоа што имаше храбра политичка гарнитура која не се грижеше за својот рејтинг ниту за идниот мандат туку за безбедноста на државата за следните децении – истакна Пендаровски осврнувајќи се на членството на Македонија во НАТО.






И за интегрирање во Европската Унија, како што рече, направен е историски исчекор бидејќи по 17 години ги отворивме преговорите, но за жал, како што рече, се испречи главната опозициска партија „која нема учествувано на позитивен начин во ниту еден државотворен акт од 1991“.

За неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нуди поништување на сите договори „кои не втемелија во меѓународен поредок како субјект, а не како објект на политичката маса“.

-Не ги чепкајте НАТО и ЕУ, со тоа ја носите Македонија во опасна зона – порача Пендаровски од митингот во Битола.

Според него, со поништување на договорите и намерите на опозицијата да репреговара, ќе бидат загубени нови 20 или 30 години.

– Ви гарантирам дека ако тие евентуално имаат шанса да се доберат до власта, и почнат да преговараат без ефект, ќе ни се иселат и овие малку млади луѓе што ни останаа….Помина времето на режимот, не смееме да дозволиме да се инсталира режим 2.0.Газда во оваа држава се македонските граѓани, а не 4 или 5 луѓе во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Се е исто во таа партија, понудата им е апсолутно идентична како пред 5 и 15 години – од политичка до кадровска, само еден човек го нема, само Груевски го нема. Сите други се тие што беа од 2006 до 2016, кога живееја на грбот на македонскиот народ и кога имаше две категории граѓани – членови на ВМРО-ДПМНЕ и сите други. Затоа ни треба мобилизација, за да покажеме дека не сакаме да се вратиме во режимот кога еден човек ја диктираше судбината на сите – рече Пендаровски.

Во изминатите 5 години како претседател, рече, не бил безгрешен, но грешките биле за поединечни прашања и не биле системски. Не била загрозена иднината и не бил доведен во прашање опстанокот на државата.

-Денес активни функционери се соочуваат со правда за разлика од нив кога немаше ни еден таков случај зашто за нив законот не важеше – додаде Пендаровски.

Соопшти дека ако добие втор мандат да ја води државата веднаш по 8 мај ќе иницира комплетен ветинг т.е проверка на имотот на сите политичари, судии и обвинители, не само во изминатите пет години, туку од 1990 до денес.

Поврзани содржини