НЕЈЌЕШЕ ДА ГО ВРАБОТИ БЕНИ ПА ГО ШУТНАА Од МКЦ ја откриваат причината за смената на директорот, како и назначувањето на „детектив“ на негово место
Бидејќи, сега веќе ексдиректорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција, стои во реакцијата на Програмскиот колегиум на МКЦ.
Деновиве Младинскиот културен центар е повторно на мета на партиските игри, тврдат од Програмскиот колегиум на МКЦ. Оттаму велат дека вчера попладне, в.д. директорот на МКЦ, Ванчо Богоев кој е 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжил во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, бил сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, да потпише вработување за Арбен Шаќири.
– Бидејќи, сега веќе ексдиректорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција. И покрај признанието кое дојде како круна на нашето работење со наградата „13 Ноември“ за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, можеби и најголема во историјата на институцијата по повод 50 годишниот јубилеј, годината почна со лоши вести за иднината на МКЦ. Првата е онаа дека буџетот ни е доведен до само 8% од годишниот буџет со кој работевме минатите години, а веднаш потоа и последните случувања во начинот на инсталирање на директор во МКЦ – велат од Програмскиот колегиум.
Нивното соопштение, како што објаснуваат, следи како потреба за разјаснување на ситуацијата, истовремено и поради сомнежот во законитоста на овие решенија бидејќи со ова, се одбегнува повторно можноста јавно да се спроведе отворен конкурс за директор, на кој отворено и транспарентно би можеле да се пријават сите квалификувани професионалци од областа на културата.
Од Град Скопје денеска известија дека Младинскиот културен центар ќе добие нов директор по евалуацијата на биографиите за таа позиција.