РУСИЈА ЌЕ БАРА УКРАИНА ДА НЕ ВЛЕЗЕ ВО НАТО Тоа е условот што Путин ќе му го испорача на Трамп

Советниците на Трамп го побиваат неговото ветување дека за еден ден ќе се најде решение за војната во Украина, најоптимистичкото сценарио, според нив, е дека се потребни најмалку 100 дена.

2,201

Русија ќе бара од Украина драстично да ги прекине воените врски со НАТО и да стане неутрална држава со ограничена армија во какви било разговори со идниот американски претседател Доналд Трамп, пренесува „Блумберг“.

Запознаени со ова прашање коментираат дека рускиот претседател е сè повеќе уверен дека ја има предноста на бојното поле во Украина, па затоа е решен да ја постигне својата цел Киев никогаш да не се приклучи на Алијансата.






Од друга страна, како што јавува Ројтерс, советниците на Доналд Трамп признаваат дека ќе бидат потребни месеци за да се најде решение за војната во Украина, што е спротивно на неговото најголемо ветување за надворешната политика – дека ќе постигне договор за мир уште првиот ден во Белата куќа.

Двајца соработници на Трамп, кои со него имаат разговарано за војната во Украина, за агенцијата изјавиле дека се разгледува неколкумесечна временска рамка за решавање на војната, опишувајќи ги претходните луди ветувања како комбинација на агресивна предизборна кампања и потценување на конфликтот, покрај тоа што е потребно време да се состави новата администрација.

Идниот специјален претставник за Русија и Украина, Кит Келог, кажа дека решение за војната би можело да се најде во рок од 100 дена, што исто така е далеку од ветувањата на Трамп.

Во пресрет на изборите на 5 ноември, Трамп во десетици наврати вети дека ќе ја заврши војната во Украина уште првиот ден во Белата куќа, ако не и порано, без да објасни како.

 

 

Поврзани содржини