„НЕ Е СЕЕДНО КАКОВ ГРАДОНАЧАЛНИК ЌЕ ИЗБЕРЕТЕ“ Претстојните локални избори се важни за иднината на државата, порача премиерот Мицкоски

Овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за своето место, својата општина, да се избере градоначалник што мора да ги брани интересите на граѓаните и да ги решава проблемите, рече премиерот Христијан Мицкоски, по формализацијата на Коалицијата Твоја Македонија, која е составена од 25 политички партии.

144

Претседателот на Владата и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ја формализираше Коалицијата Твоја Македонија која заеднички ќе настапи на претстојните локални избори. Мицкоски на прес-конференција пред партиското седиште истакна дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најголемата коалиција, составена од 25 партии од различен карактер, кои според него, во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество.

Посочи дека претстојните локални избори се важни за иднината на државата, пред сѐ, поради директната надлежност на локалните самоуправи во решавањето на проблемите на граѓаните и затоа, рече, не е сеедно каков градоначалник ќе изберат граѓаните.






– Ние во изминатиот период покажавме и докажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа. Дополнително, што во наредните 4 години сите општини ќе ја имаат и поддршката од централната власт, нешто што ќе го докажам и покажам, како во претходната година и половина. Овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за своето место, својата општина, да се избере твојот човек кој ќе се бори за секој еден во општеството. Тој човек мора да ги брани интересите на граѓаните и да решава проблеми. Затоа ќе излеземе со понуда и со луѓе кои ќе бидат гласот на народот во администрацијата и во општините и ќе работат за граѓаните. Уверени сме дека силата на државата не се мери само преку нејзините институции на централно ниво, туку преку секојдневниот живот во градовите и селата, во општините каде што граѓаните ги остваруваат своите права и ги живеат своите соништа – рече Мицкоски.

Тој изрази решителност за изградба на локална самоуправа која ќе биде пример за демократско управување, економска ефикасност и за културна афирмација.

– Верувајќи дека инфраструктурата е основа за развојот на секоја заедница, ние се обврзуваме да вложиме во изградба и реконструкција на патишта, мостови, водоводи, канализациони системи, училишта, спортски сали и културни домови. Ќе поттикнуваме политики кои ќе создаваат нови работни места и ќе го зајакнат чувството на економска сигурност во секоја општина. Ќе се залагаме за подобрување на примарната здравствена заштита преку модернизација на амбулантите, подобра опрема на здравствените домови и олеснет пристап до лекарските услуги – рече Мицкоски.

Во фокусот, додаде, ќе бидат руралните средини.

Мицкоски рече дека младите се најголемиот капитал на државата и затоа ќе им биде овозможено квалитетно образование, спорт и култура, како и пристојни услови за вработување.

– Ќе создадеме амбиент за нивен останок во своите општини, за да ја градат својата индина овде, дома, во својата татковина Македонија. Веруваме дека животната средина е наследство за идните генерации, ќе се бориме за чист воздух, управуање со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и за заштита на природата. Ќе ги втемелиме зелените политики во секоја општина за здравје и поквалитетен живот на граѓаните. Со верба во својата држава и во својот народ, со љубов кон местото каде што живееме и со доверба во заедничката иднина, ние ја потврдуваме нашата решеност да изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава. Држава во која секој граѓан ќе се чувствува почитуван и сигурен, во која општините ќе бидат двигатели на развојот, а целата заедница ќе живее во склад, достоинство и надеж. Нашата мисија е генерациите што доаѓаат да ја наследат Македонија посилна, побогата и постабилна од тоа што ние го затекнавме – рече Мицкоски.

Тој истакна дека лидерите на политичките партии од Коалицијата Твоја Македонија усвоиле Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина.

Поврзани содржини