„НЕ Е ПЛЕНКОВИЌ ЗА ШЕФ НА НАТО, ТАМУ ТРЕБА ДА СЛУША, А ТОЈ Е НАВИКНАТ ДА ЗАБИВА НОЖЕВИ ВО ГРБ“ Претседателот Милановиќ ги критикуваше наводните амбиции на хрватскиот премиер
Милановиќ не може да го види Пленковиќ како генерален секретар на НАТО, бидејќи таму, како што рече, „во принцип мора да бидете послушни и да одговарате на претпоставените, а Пленковиќ, низ текот на целата негова кариера, им забивал ножеви во грб на лицата што му помагале“.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ се препукуваат по најновите шпекулации објавени во шведските медиуми дека Пленковиќ ќе се кандидира за нов генерален секретар на НАТО.
Милановиќ порача дека е важно датумот за парламентарните избори да не се приспособува на амбициите и интересите на Пленковиќ и на неговите амбиции да стане потенцијален кандидат за нов генерален секретар на НАТО.
„Мене ми е важно да се избегне приспособување на датумот на изборите за потребите на претседателот на Владата и на неговите амбиции да се премести во некое високо меѓународно тело. Инаку, во време на криза шефот на НАТО е само медиумски присутен, но тој мора да биде допадлив за Вашингтон и Париз“, рече Милановиќ.
Милановиќ не може да го види Пленковиќ како генерален секретар на НАТО, бидејќи таму, како што рече, „во принцип мора да бидете послушни и да одговарате на претпоставените, а Пленковиќ, низ текот на целата негова кариера, им забивал ножеви во грб на лицата што му помагале“.
Осврнувајќи се на написите во шведските медиуми дека е потенцијален кандидат за нов генерален секретар на НАТО и на изјавата на претседателот Милановиќ, Пленковиќ не му остана должен на шефот на државата:
„Ми се чини дека шведските медиуми се збуниле, мислеле на Милановиќ, бидејќи тој силно ја поддржа Шведска во однос на влезот во НАТО. Тој застапува многу јасни прозападни, трансатлантски позиции и одвај го чекаат во седиштето на НАТО“, кисело прокоментира Пленковиќ, алудирајќи на честите критики на Милановиќ на некои потези на НАТО.
За најсериозен кандидат за нов генерален секретар на НАТО, на местото на Јенс Столтенберг, кому мандатот му истекува на 30 септември, се смета естонската премиерка Каја Калас. Одлуката кој ќе го наследи Столтенберг ќе падне во јули.