НЕ Е ОВА ПЛЕМЕНСКИ СОЈУЗ, ТУКУ ДРЖАВА! Анима Мунди му одговори на Мерко за изјавата за колењето кучиња
Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга, му порачаа од Анима Мунди на струшкиот градоначалник.
Сведоци сме на јавно охрабрување на убивање кучиња од првиот човек на Струга, реагираше здружението Анима Мунид на изјавите на градоначалникот Рамиз Мерко кој вчера изјави дека „ако можeме да колеме јагниња и други животни, зошто да ги чуваме кучињата“.
Анима Мунди потсетува дека ова „храбрење“ се случува само два месеци од масовното убиство на кучиња во Струга, кога вооружени лица среде бел ден ги стрелаа по улиците. Според нив, Мерко „залутал во дејност чија одговорност не ја разбира“.
Од Анима Мунди пишуваат:
„Рамиз Мерко, ова не е племенски сојуз, туку држава! Законите, стратегиите постојат за да се унапредуваат, а со идеите за тендери со ловни друштва и убивање на секое куче од улица, закана сте по сѐ што е цивилизациска придобивка, претставувате опасност и ја срамите Струга.
Ова е говор на омраза кој промовира и поттикнува насилство за што треба итно да се биде казнет!
Со вакви сфаќања, повици и изјави човек не смее да биде политичар, уште помалку градоначалник на град и атрактивна туристистичка дестинација во нашата држава.
Од една страна Струга со сите свои убавини, од друга градоначалник кај кој личи дека општествената еволуција застанала, за кого емпатија и хуманост се непознати поими, а насилството, безредието, убивањето животни посакувана норма.
Компаративно одобрување на помало убиство – животно, не може никогаш да го прави истото дело оправдано. Посочуваме и дека во изјавата Рамиз Мерко кажува како жител од село Мислешево убил и натоварил цел трактор со мртви кучиња, бараме институциите, обвинителелството веднаш да постапи по овој случај на кој Мерко е очигледно сведок и да биде повикан на распит. Воедно легитимно е да се праша дали градоначалникот на Струга ги поттикнал или ангажирал оние кои во јануари стрелаа бездомни кучиња по градот, загрозувајќи ја безбедноста на сите, а притоа никој да не одговара до ден денес. Одговорност мора да има ако целиме кон правичност и правда, а не кон девијација на и она малку нормално што остана од/во нашава држава!“, стои во рекацијата на Анима Мунди.