„НЕ Е ЛЕСНО АМА НИЕ СМЕ ЖИЛАВИ“ Летната школа за македонски јазик ја продолжува својата мисија

„Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот“ - го цитираше Горан Стефановски во својот говор директорка на Летната школа Весна Чепишевска-Мојсовска.

361

Во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид денеска свечено беше отворена јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која ќе трае до 2 септември. Станува збор за традиционалната манифестација, која веќе пет и пол децении се организира со учество на голем број лингвисти и македонисти од целиот свет и преку која се шири вистината за континуитетот, широката распространетост, убавината и моќта на македонскиот јазик.

На школата веќе се пристигнати шеесетина семинаристи од седумнаесет држави, што е најголем број учесници изминативе неколку години. Учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република, што е уште еден показател за интересот за македонистиката на универзитетските центри низ светот.






Одржувањето на Семинарот по македонски јазик оваа година за организаторите има дополнително мотивирачки карактер, зашто по две пандемиски години и импровизирани онлајн семинари и со скратена програма, годинава се враќа со полн интензитет на програмата и со зголемен број учесници. Неговото одржување има значење и на своевиден лингвистички континуитет во славистиката, која е во криза како последица на руско-украинскиот конфликт, што неизбежно се рефлектира и во научните кругови.

Директорката на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Весна Чепишевска-Мојсовска, пред почетокот на 55-от семинар направи споредба на предизвиците за негово одржување на почетоците и во денешниот контекст, за потврда на посебноста на македонскиот јазик во современиот лингвистички, но и политички контекст.

– Македонскиот јазик е жив јазик, со свој автентичен развоен историски континуитет вграден во почетоците на старословенската писменост. Активностите на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на која годинава шеесетина учесници лингвисти од странство ќе го надградуваат своето знаење на нашиот јазик, само го надградува и одржува континуитетот на потврдената посебност на македонскиот јазик во лингвистиката и воопшто на меѓународен план – рече Весна Чепишевска-Мојсовска, директорка на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во обраќањето, таа го цитираше и Горан Стефановски: „Горд сум на нашата жилавост. И покрај сиот нарушен идентитет, заврзани раце, крпа во уста, обезличеност и распарченост, жив сум и гладен сум за живот. Знам дека ме има според нападите со кои работат да ме снема. Знам дека сум според упорноста со која се трудат да не сум. Мојата жилавост излегува од аванот во кој ме толчат и тиганот во кој се крчкам. Токму тој аван и тој тиган се моите места на моќ.“

– Ова се оние зборови што сакаме да ве научиме и вие да ги чувствувате како свои. Не е лесно, ама ние сме жилави и не се откажуваме од тоа нашата приказна да стане поблиска до вашата, посочи Мојсова-Чепишевска, обраќајќи им се на 60 семинаристи на Школата.

Во рамките на летната школа за македонски јазик, предвидени се голем број предавања на истакнати научни работници, одржување лекторски часови, промоции на книги и научни трудови од областа на македонистиката итн.

Поврзани содржини