„НЕ Е ФЕР ДА ГИ БЛОКИРАТЕ КАНДИДАТИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО“ Еврокомесарот Кубилиус со остра критика кон ЕУ-членките од Источна Европа
Андриус Кубилиус со директна критика за членките на ЕУ кои со билатерални спорови го кочат проширувањето – одговори на пратеникот Ковачки со порака: ова создава ризик од влијание на трети страни.
Неприфатливо е билатералните спорови да се користат за блокирање на пристапните преговори на земјите кандидати за членство во Европската Унија, изјави еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус на панелот „Обезбедување на демократиите преку зајакнување: Одбрана, отпорност и подготвеност“, кој се одржа во рамки на 107-от Рос-Рот семинар во Брисел. Изјавата дојде како одговор на прашање поставено од македонскиот пратеник Драган Ковачки.
Кубилиус нагласи дека иако како еврокомесар за одбрана не е директно вклучен во процесот на проширување, додека бил европратеник, заедно со хрватскиот колега Тонино Пицула, работеле на Извештај за стратегијата за проширување на ЕУ, каде што идентификувале два клучни аспекти:
– Прво, наведовме оти очекуваме дека проширувањето треба да заврши до 2030 година, што мислам дека е реално, и второ, дека е целосно неприфатливо земји-членки да се обидуваат да ги решат своите, би ги нарекол, историски спорови со блокирање на пристапните преговори на земјите кандидати. Нашиот предлог беше многу едноставен – тие спорови да се решаваат на поинаков начин, не со блокирање на преговорите. За жал, тоа е случај тука и би рекол дека не е фер кон нашите земји кандидати – изјави Кубилиус.
Тој подвлече дека кога државите од Централна и Источна Европа биле кандидати за членство, никој од западните членки не ги блокирал, иако можел, што, според него, прави сегашното однесување на истите тие земји неконзистентно и нечесно.
– Мислам дека навистина не е фер сега да имаме такво однесување од земјите членки од Централна и Источна Европа – рече еврокомесарот.
На ова реагираше и македонскиот пратеник Драган Ковачки, кој посочи дека и покрај тоа што Северна Македонија е членка на НАТО и останува стратешки посветена на полноправно членство во ЕУ, на тој пат се соочува со пречки наметнати од сојузничка држава – членка на ЕУ.
– Постои реален ризик ваквите застои во процесот на проширување да бидат искористени од трети страни за остварување на нивните интереси, кои се различни од интересите на НАТО и ЕУ – рече Ковачки.
Тој ја истакна и загриженоста која произлегува од гласањето за отстранување на референците за македонскиот идентитет и јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што, како што рече, сериозно ја поткопало довербата што внимателно се градела со години.
– Верувам дека довербата е основа на секое партнерство, сојуз и пријателство. Со усвојувањето на амандманите со кои се бришат референци за македонскиот идентитет и јазик, се нарушуваат принципите на еднаквост и меѓусебно почитување, со што се поткопува основата на соработката меѓу сојузниците – предупреди Ковачки.
Тој заврши со апел дека враќањето на довербата е возможно само преку меѓусебно почитување и искрени напори од страна на партнерите, бидејќи без тоа, се создава опасност не само од застој, туку и од ерозија на довербата и растечко влијание на злонамерни актери кои можат да ја дестабилизираат ситуацијата во регионот.