НЕ Е ЕЛЕГАНТНО ПРАВОСЛАВНА РУСИЈА ДА ПРЕГОВАРА ВО ВАТИКАН За Лавров руско-украинска средба кај папата би била губење време
Дискусијата за оваа опција е губење ментални способности, изјави шефот на руската дипломатија во врска со подготвеноста на новиот Папа следните руско-украински преговори да се одржат во Ватикан.
Православните земји не можат да преговараат за мир на католичка платформа, рече рускиот министер за надворешни Сергеј Лавров, отфрлајќи ја подготвеноста на новиот папа Лав XIV Ватикан да биде домаќин на нова рунда мировни преговори со Украина.
– Замислете го Ватикан како место за преговори, малку е неелегантно, би рекол, кога православните земји ќе разговараат за прашања поврзани со елиминирање на основните причини (за војната) врз католичка платформа, и една од основните причини е патот за уништување на Украинската православна црква – вели Лавров.
Тој исто така смета дека и за Ватикан „не е многу удобно“ да прима делегации од двете земји.
– Дискусијата за оваа опција е губење ментални способности – додаде Лавров во обраќање на конференцијата „Историски јужноруски земји, национален идентитет и самоопределување на народите“.
Според рускиот министер, „неелегантно“ е да се разговара за мир на платформа која, според него, е дел од причините за војната, нападот врз Украинската православна црква.
Лавров потврди дека не е утврдено ниту време, ниту локација за втората рунда преговори меѓу Русија и Украина. Според него, Москва подготвува меморандум за мир, кој наскоро ќе ѝ го презентира на Украина.
Истовремено, дипломатот повторно го постави прашањето за легитимитетот на украинскиот претседател Зеленски, оценувајќи дека тоа ќе биде клучно за каков било договор.
Идејата за Ватикан како медијатор ја предложи Доналд Трамп, а новиот папа Лав XIV изрази подготвеност да биде домаќин. Но, Кремљ најави дека ќе се фокусира на технички преговори во Истанбул, кои се одржаа на 16 мај.
Според политикологот Сергеј Марков, Путин нема да патува во Италија од безбедносни причини. Тој и Руската православна црква сметаат дека Ватикан не е неутрален и дека е „историски ривал“ во Украина.