НЕ Е ДОВОЛНО ДА СЕ КАЖЕ „САШО Е ЛОШ“, ЗА ПРЕСУДА СЕ ПОТРЕБНИ ДОКАЗИ Хајката врз Апелација ќе ја компромитира натамошната постапка, тврди професорот Калајџиев
„Ние во ниедно сведочење за време на судењето не слушнавме од ниеден сведок дека Мијалков го наредил прислушувањето, ниту видовме материјален доказ кој несомнено докажува дека разговорите излегле од УБК. Судот и обвинителство се должни со фер постапка да докажат кој прислушувал, Не можете туку-така да осудите некого на казна затвор од 12 години“, вели професорот Гордан Калајџиев во интервjу за „Слободен печат“.
Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ не докажа цврсто, издржано и без сомнежи кој го нареди и изведе незаконското масовно прислушување на граѓаните во Македонија. Овој напад што сега се случува од највисоките државни функционери врз судиите во Апелациониот суд е во најмала рака непримерен и ќе влијае и на натамошниот тек на постапката, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев во разговор за „Слободен печат“.
По поништувањето на првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“ и силните јавно изречени реакции од страна на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот претходник Зоран Заев, тој напиша статус на Фејсбук дека „е во тек државен удар врз судската власт“.
– Не бев среќен кога се донесе пресудата. И јас како граѓанин бев прислушуван, имав и цеде со мои прислушувани разговори, кое не го ни преслушав и кое денес не ни знам каде ми е, но имам голем интерес да дознам кој ме прислушувал и мене и сите други, и има голема желба тоа да престане. Но, како некој што се занимава и со човекови права, може да кажам дека ние после овој судски процес не дознавме со 100 отсто сигурност, со квалитетни докази, кој прислушувал во Македонија. Знаеме дека „Сашо е лош“, но ние во ниедно сведочење за време на судењето не слушнавме од ниеден сведок дека Мијалков го наредил прислушувањето, ниту видовме материјален доказ кој несомнено докажува дека разговорите излегле од УБК. Судот и обвинителство се должни со фер постапка да докажат кој прислушувал, но ние се уште не можеме со сигурност да се кладиме на тоа. Не се одговорија многу прашања, па и она од чиста логика, зарем Мијалов самиот ќе се прислушувал себеси? – вели Калајџиев во интервјуто за „Слободен печат“.