Не дрво – и трн без корен не бидува
Другарчиња од власта, постар сум од вас, искрено и добронамерно, ќе ви кажам - немојте да си играте и да дозволите македонскиот народ да остане без своите корени. Историјата и не заборава и не простува!
Пред некој ден, за Ројтерс, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека Бугарија ќе го блокирала патот на Македонија за членство во Европската Унија, ако Македонија не признае дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени.
Ова, во превод, по нашински, едноставно, просто, народски и без дипломатска куртоазија и обландирање, значи дека, според Захариева, ние сме Бугари. Ако дедо ми и татко ми, да не зборувам за тие пред нив, кои беа родени пред 1944 година, се Бугари, тогаш, се подразбира, дека и јас и син ми сме Бугари.
И, ако е така, поточно, ако нашата власт го прифати овој монструозен услов, тогаш се поставува едно здраворазумско прашање: Какви преговори за членство во Увропска Унија? Па, нели, Бугарите во ЕУ се уште од јануари 2007 година?
Во таква ситуација (не дај Боже!), најрационална и најекономична варијанта е да се самоукинат парламентот, владата и претседателот на државата. Нема потреба. Ако сме Бугари, тогаш, во Софија имаме и собрание и влада и претседател. И, да не заборавам, нема смисла, дебело да му се извиниме и на Ванчо Михајлов.
Верувам, и нашите „големи умови“, во стилот на Каракачанов и дружина, дека Бугарија прва ја признала државата Република Македонија и дека само тоа било важното, ќе ми одржат лекција дека државата, сега Северна Македонија, е таа што се бори за членство во Европската Унија. Дека тоа било најзначајното, битното, историското, а што народ, со корен или без, бугарски или македонски, ќе влезе таму, тоа воопшто не било важно. Браво! Алал вера!
Другарчиња од власта, постар сум од вас, искрено и добронамерно, ќе ви кажам само едно: Не дрво – и трн без корен не бидува, многу брзо ќе се исуши. Немојте да си играте и да дозволите македонскиот народ да остане без своите корени. Историјата и не заборава и не простува.
За крај, далечен поздрав од Темко Попов (1855-1929 ) за почитуваната министерка Захариева: „…И сам Исус Христос ако слезит от небоно, не можит да го уверит Македонеца оти је Блгарин или Србин…“ (Солун, 9-ти мај 1888 г.)
/авторот е поранешен пратеник/