НЕ ДРАМАТИЗИРАЈТЕ СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ Австрискиот претседател рече дека нема да се меша, ама сепак ни порача да ги внесеме Бугарите во Уставот
На прашање дали ќе ја убедува опозицијата да гласа за уставни промени, австрискиот претседател рече: „Не би сакал премногу да се изјаснам во однос на внатрешно-политички прашања во Северна Македонија“.
Австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, кој е во посета на земјава, вели дека не треба да драматизираме поради внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
На прашање дали ќе ја убедува опозицијата да гласа за уставни промени, тој рече: „Не би сакал премногу да се изјаснувам во однос на внатрешно-политички прашања во Северна Македонија“.
– Во Парламентот ќе одржам говор и ќе ги замолам сите пратенички групи со длабоко размислување да постапат по ова прашање и да размислат, што стои долгорочно. Заштитата на малцинства во Северна Македонија се подразбира, а поради следниот чекор, уставните измени, не треба да се драматизира, според мене – рече претседателот на Австрија.
Тој посочи дека ги разбира реакциите на граѓаните поради новите услови од Бугарија кои влегоа во преговарачката рамка, но посочи дека треба да се искористи моментот и да не се губи многу време.
– Јас имам огромно разбирање за фрустрацијата која е присутна во однос на преговорите со Унијата. Токму затоа е важно, овој моментум, ова ново забрзување, зајакнатиот интерес на ЕУ, да се искористи и да не се изгуби дополнително време. Се надевам дека овој следен чекор треба да се реализира – рече Ван дер Белен.