НЕ ДОБИВМЕ ПОЧИТ ЗА ЖРТВАТА ВО ТЕТОВО, ГОСТИВАР, СТРУГА, ЧАИР И ВО ДЕБАР Тоа нема да го заборавиме, порача Мицкоски
СДСМ не е на биолошки минимум туку пред исчезнување, а на следните избор ќе биде под 100.000 гласа и тогаш ќе дојдеме до заклучокот дека намалувањето на бројот на пратениците поради апстинирање или разочарување е државен и национален проблем, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на предизборниот настан во Аеродром.
Граѓаните да излезат масовно и да гласаат на 2 ноември со заокружување на бројот 9, повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од предизборниот настан во Аеродром за вториот круг од локалните избори.
Тој се заблагодари за поддршката во првиот круг, во кој во 33 општини е избран градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наспроти 3 од СДСМ.
– Во вториот круг имаме 26 кандидати, од кои најголемиот дел се во големо водство, како Аеродром и Скопје, а во неколку нашиот кандидат е второпласиран, но е во вториот круг. Ќе се бориме за секој еден глас и за секоја општина. Излезете и гласајте по вашето лично убедување. Кога ќе го имате пенкалото во рака, ако одлучувате според разум, душа и срце убеден сум дека ќе одлучите за бројот 9 и овде во Аеродром за Дејан и за Орце за Град Скопје, убеден сум – кажа Мицкоски.
СДСМ не е на биолошки минимум туку пред исчезнување, додаде Мицкоски.
– На следните избори, кога и да се, ќе бидат под 100.000 гласа. Порака до симпатизерите и членовите на СДСМ, иако тоа го правев цело време во кампањата за првиот круг, кога велев дека и на нив не им е пријатно да гледаат некогаш големиот СДСМ како сега се бори, како се жилави едвај да го помине прагот од 100.000 гласа, сега не зборуваме за биолошки минимум, зборуваме за исчезнување, единствен начин да си помогнат себеси и да ѝ помогнат на СДСМ е да излезат во второот круг и да го заокружат бројот 9 којшто прави промена. Следните избори СДСМ ќе бидат, под 100.000 гласа. Тогаш ќе дојдеме до заклучокот дека намалувањето на бројот на пратениците поради апстинирање или разочарување е државен и национален проблем. Ваква опозиција каква што е, не ќе може да направи резултат, тогаш состојбите ќе бидат поинакви, тогаш ќе имаме нова реалност. Затоа е важно да излезете и да гласате. Потребна ни е мобилизација на секој еден гласач – кажа Мицкоски.
Мицкоски кажа дека во политиката мора да се има цел и стратегија, а ВМРО-ДПМНЕ на патот кон остварување на своите цели не бараше ништо освен почит за својата жртва која ја дале за друг, но тоа не го доби и тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го заборави.
– Политиката не е црна кампања и не е со лаги да се доберат до власта. Политиката е да имаш цел и план како да ја реализираш таа цел. Ние имаме план и многу стратешки цели како да ги реализираме, дел ги реализиравме, дел се реализираат, многу мал дел не успеавме да реализираме. Понекогаш, додека ги реализиравме овие стратешки цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата којашто сме ја дале за друг, не ја добивме и тоа нема да го заборавиме. Сега да се фокусираме на 2 ноември масовно да излеземе, да тропнеме на секоја врата, да излеземе и да зокружиме број 9, за Дејан, за Орце и насекаде каде ВМРО-ДПМНЕ има свој кандидат – нагласи Мицкоски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Аеродром, Дејан Митески истакна дека во наредните 4 години со поддршка од Владата и од Градот Скопје ќе се реализираат важни проекти, ќе се вложува во безбедни училишта и градинки, паркови со зеленило, спортски сали и културни центри, кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Аеродром.
– Во наредните 4 години, со поддршка на Владата, со поддршка на идниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе направиме уште повеќе, уште подобро и уште поубаво место за живеење. Ќе продолжиме со започнатите активности, а во план се и многу други – рече Митески.
Тој им се заблагодари на граѓаните за постигнатиот резултат во првиот круг и ги повика во вториот круг масовно да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, за историска победа и развој на Аеродром.