НЕ ДАВАМЕ ПАРИ ЗА СДСМОВСКИ ПРОЕКТИ Град Скопје нема да го финансира кампот за деца со социјален ризик на Кристина Арнаудова
Нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти, изјавил советникот за односи со јавност во Град Скопје.
Град Скопје веќе нема да дава пари за кампот за деца со социјален ризик на Кристина Арнаудова затоа што оттаму сметаат дека пејачката и нејзиниот сопруг се политички фигури, односно истакнати партиски активисти на СДСМ, изјавил советникот за односи со јавност во Град Скопје, Данијел Апостолоски, пренесе порталот СДК.
Тој рекол дека Градот Скопје, заедно со Црвениот крст, веќе спроведува летен камп за деца со социјален ризик опфаќајќи ги и децата што биле опфатени со проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг.
Зборувајќи за проектот на Арнаудова, Апостолоски кажа дека СДСМ и претходното градско раководство треба да ѝ објаснат на јавноста зошто се давале парите на граѓаните на проекти на партиски подобни организации.
– Нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти – рече тој.