НЕ ДАВА ПАРИ ЗА „НЕЕФИКАСНИ ИЛИ НЕПРИЈАТЕЛСКИ“ АГЕНДИ Трамп со декрет ги повлекува САД од 66 меѓународни организации
Белата куќа соопшти дека организациите од кои се повлекуваат работат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера нареди САД да се повлечат од 66 меѓународни организации, велејќи дека тие повеќе не им служат на националните интереси на САД.
Претседателскиот декрет на Трамп им наложува на федералните оддели и агенции „што е можно поскоро“ да го прекинат учеството и финансирањето на 31 ентитет на Обединетите Нации и на 35 организации кои не се дел од ОН.
Белата куќа соопшти дека организациите работат спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД.
Многу од засегнатите организации се активни во области како што се политиката за животна средина и клима или родовата еднаквост.
„Претседателот Трамп го прекинува учеството на САД во меѓународни организации кои ја поткопуваат независноста на Америка и ги трошат парите на даночните обврзници на неефикасни или непријателски агенди“, соопштение Белата куќа.
Наредбата на Трамп не прецизираше колку пари американската администрација очекува да заштеди со повлекувањата.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, објави на мрежата Икс дека Вашингтон се повлекува од она што го опиша како „антиамерикански, бескорисни или расипнички меѓународни организации“. Тој додаде дека продолжува прегледот на дополнителни меѓународни организации.
На листата се вклучени Меѓувладиниот панел за климатски промени и Меѓународниот институт за демократија и изборна помош, кој промовира демократски транзиции низ целиот свет.
Засегнати се и бројни тела на ОН, вклучувајќи го и Одделот за економски и социјални работи, што се занимава со прашања како што се населението, сиромаштијата и меѓународната трговска политика, како и Рамковната конвенција на ОН за климатски промени.
Обединетите Нации не одговорија веднаш на соопштението на САД и најавија дека за денеска е планирана изјава на организацијата.
Трамп се приближува кон првата годишнина од неговиот втор мандат како претседател на САД, период обележан со неговата стратегија „Америка на прво место“. Тој постојано критикуваше дека САД плаќаат за други земји, а добиваат малку за возврат, објави новинската агенција ДПА. Претседателот на САД го користеше овој аргумент не само со меѓународните организации, туку и во трговската политика и со сојузниците на НАТО за да се залага за промени што им користат на САД.