НЕ ЧЕКАЈТЕ ПОСЛЕ 31 МАРТ, ПОТСЕТУВА УЈП Даночните обврзници кои работеле во странство мора да достават документи
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување на електронската пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Доставете соодветни документи за да избегнете дополнителни постапки и санкции.
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува граѓаните кои во 2025 година оствариле доход од работа во странство дека крајниот рок за поднесување на електронската пресметка и доставување на соодветни докази е 31 март 2026 година.
Сите физички лица кои примиле плата или друг вид доход од странство се должни да ја пополнат пресметката преку системот е-Даночни услуги: https://e-ujp.ujp.gov.mk/ureg/login.seam. Обврската важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не.
Заедно со пресметката, граѓаните мора задолжително да достават и докази – потврда од исплатувач, извод од банка, договор за извршени услуги, платни листи или друга документација што ја потврдува висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство.
Детални насоки за пријавување, пресметка на данокот и примена на договорите за избегнување двојно оданочување се достапни на веб-страницата на УЈП и преку следните линкови:
– Список на држави со договор за избегнување двојно оданочување
– Упатство за пополнување на електронската пресметка
Во рамки на редовната меѓународна соработка, УЈП информира дека во 2025 година биле поднесени 203 барања до странски даночни органи за проверка на документацијата од граѓани кои преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Овие активности се дел од механизмите за обезбедување точност и транспарентност во даночниот систем.
Управата апелира навремено да се извршат сите обврски за да се избегнат дополнителни постапки и санкции и за правилно утврдување на даночната обврска.