НЕ ЧЕКАЈТЕ ИЗВЕСТУВАЊА ЗА ГРОБАРИНА НА ДОМАШНА АДРЕСА! И оваа сметка може да се плати онлајн
Граѓани за Плусинфо изјавија дека од пандемијата со коронавирусот на нивната домашна адреса не пристигнувале повеќе известувања за заостанат долг кон АД Бутел, при што од наплатниот пункт во Центар им било кажано дека компанијата тоа повеќе не го прави.
Скопјани од неодамна можат на едноставен и лесен начин да ја платат гробарината преку интернет страната на АД Бутел – Скопје, која воведе електронска наплата за оваа услуга, соопштија од компанијата.
– Наместо граѓаните да одат до наплатниот пункт во центарот на Скопје или на гробиштата Бутел, Ѓорче Петров и Камник, тоа можат да го сторат преку новата услуга за електронска наплата преку интернет страната на компанијата. Со тоа значително им се олеснува да ја платат сметката од 320 денари годишно – велат од АД Бутел и додаваат дека секој носител на гробно место може да го стори тоа на следниов линк butel.mk/plati-grobarina
Граѓани за Плусинфо изјавија дека во последните две години на домашна адреса не добиле известувања за плаќање за гробното место. Загрижени да не бидат дадени на извршител за заостанат долг, некои од нив отишле да платат во седиштето на АД Бутел.
– Од пандемијата со коронавирусот на мојата домашна адреса нема пристигнато известување за долг кон АД Бутел, иако претходно секоја година редовно добивав. Отидов во седиштето на Бутел за да платам, но за жал, не им работеше системот и потоа платив во канцеларијата во Центар – вели една скопјанка.
Од Бутел АД Скопје велат дека нема потреба граѓаните да бидат загрижени бидејќи тие не испраќаат сметки за наплата за одржување на гробното место, туку само известувања за заостанат долг.
– Ние етапно постојано праќаме известувања, но само на лицата кои се носители на гробното место, а имаат заостанат долг. Се случува граѓаните да платат за услугата повеќе години однапред и потоа да изумат дека имаат за плаќање 320 денари. Ние ги потсетуваме така што на нивната адреса им испраќаме известување. Лицата кои си ја вршат наплатата редовно кај нив воопшто не испраќаме никакво известување – велат од Бутел АД Скопје.
Оттаму додаваат дека покрај тоа што некои сопственици на гробни места немаат платено гробарина повеќе години, гробните места нема да им бидат одземени.
– Сопствениците на гробни места нема потреба да стравуваат дека доколку не ги платат сметките местото ќе им биде одземено. Се случува да бидат одземени, но само доколку местото е запуштено и не бидат платени сметки повеќе од 30-40 години – додаваат од АД Бутел.
Скопјани честопати се жалат дека и покрај тоа што плаќаат за одржување, од страна на АД Бутел не се одржува околината околу гробните места кои се преполни со ѓубре, неискосена трева или неискастрени гранки.
– Ние се трудиме постојано да ја одржуваме чистотата на патеките и околу гробните места, но апелираме и граѓаните да бидат малку посовесни. Има доволно поставени садови за ѓубре и апелираме до нив да не ги затрупуваат. Сите што имаат проблеми, слободно може да ги пријават кај нас, ние за ден-два ќе го отстраниме сметот, доколку треба ќе исечеме гранка од некое дрво и со тоа да го решиме секој проблем – додаваат од АД Скопје.
Гробарината е надомест за одржување на гробиштата. Носителот на гробното место се обврзува редовно да плаќа гробарина на управителот на гробиштата заради одржување на гробиштата. Цената на гробарината годишно изнесува 320,00 денари, со можност да се плати однапред за наредните 5 години.