НЕ БРЗАМЕ СО СПИСОКОТ, КЛУЧНА ЌЕ БИДЕ ХЕМИЈАТА Лазаров задоволен од подготовките, но внимателен со изборот
Селекторот на македонската репрезентација вели дека конечниот список ќе зависи од здравствената состојба и формата на ракометарите.
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, изрази задоволство од текот на подготовките во пресрет на Европското првенство 2026.
– Со оглед на здравствената состојба на одредени ракометари, нема да брзаме со конечниот список за Европското првенство. Ќе почекаме да поминат последните тренинзи, а потоа ќе одлучиме кои ракометари ќе патуваат на ЕП. Заедно со федерацијата донесовме одлука за Данска да патуваат 19 ракометари. Задоволен сум од досегашниот тек на подготовките, имаме позитивна атмосфера. Ни претстојат три тест-натпревари кои ќе ни послужат за подигнување на формата, особено затоа што имаме играчи кои имаат помала минутажа во своите клубови – изјави Лазаров.
Предводникот на „црвено-жолтите“ смета дека македонската репрезентација мора да се потпре на силен колектив, бидејќи нема многу поединци што можат самостојно да го понесат товарот на едно големо натпреварување.
– Ние сме Македонија, мала земја, и затоа изборот на играчи можеби е најограничен во споредба со другите селекции учеснички на Европското првенство. Мора да создадеме цврст колектив и систем што ќе функционира. Слабостите што ги имаме треба да ги покриеме, а добрите страни максимално да ги искористиме. Се обидуваме да создадеме добра хемија, да функционираме како тим и да играме пожртвувано – потенцира Лазаров.
Македонската репрезентација првиот натпревар на Европското првенство 2026 ќе го одигра против Данска, на 16 јануари.