Не бре, на Кичевскиот, Ташнаревиќ од аферата „Рекет“, не смее влакно да му фали!
Луѓе мои, после сѐ што се случуваше за време на режимот на Груевски, не верував дека еден ден ќе бидеме сведоци на вакви срамотилаци. За жал, денес сфаќаме дека мафијата во време на поранешниот режим е детска градинка во однос на мафијава што денес владее во Македонија.
Веќе трет ден залудно чекам некој од власта, или барем некој од апологетите, да сподели со јавноста некаков осмислен наратив, што ќе го оправда саботниот скандал во кој во главна улога е ликот Зоран Милевски со прекар Кичевскиот.
И залудно чекам оставка од некој од надлежните, на пример од директорот на Управата за извршување санкции, како чин на морална одговорност. Иако директорот не е виновен, зашто се знае кој во оваа држава решава за Кичевскиот и воопшто, за тоа кој ќе биде зад решетки а кој на слобода…
Да потсетам. Милевски е Ташнаревиќ во аферата „Рекет“. Тој ја носи торбата „Луј Витон“ со еврата што Бојан Јовановски, заедно со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, ги изрекетираа од бизнисменот Орце Камчев.
Се сеќавате на таа снимка? Да не сте ја заборавиле?
Боки е во затвор. Таму закачи и корона.
И Катица е во затвор.
Орце е во притвор. Затоа што мора да му се одмаздат што ја обелодени аферата „Рекет“. И што ги пријави и ги сними рекетарите.
Се сеќавате, нели, на заканата на одмаздникот: „Море мамето мамино ќе му го ебам!“
Само Кичевскиот е на слобода. Поточно, откако се спогоди со обвинителот, казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга. Очевидци велат дека казната ја „издржува“ во охридските локали.
И онака, попатно, тера џип, развезува српски ликови и во саботата учествува во жестока сообраќајка на Стража. Еден мртов и неколку повредени. На Кичевскиот, нормално, влакно на главата не му фали.
И не смее да му фали.
Зошто? Затоа што само тој знае каде завршија парите што ги изнесе од куќата на Орце Камчев во торбата „Луј Витон“.
Додуша, од три пати, би можел и јас да погодам каде се парите. Но, ај да си седам мадро…
Медиумите прашуваат што барале на местото на сообраќајката на Стража припадници на Агенцијата за национална безбедност. Ех, што барале… Мекици можеби?
Не верувам дека директорот Виктор Димовски ги испратил да напишат службена белешка дека постоела опасност Кичевскиот да се даде во бегство. Типот добил отсуство од затвор само 30 дена. Што е недоволно за да се подготви за бегство. Кој знае само колку „Луј Витон“ чанти треба да се спакуваат… Можеле да му дадат 60 дена, на пример, тоа би било хумано. Освен тоа, Охрид и Струга се на одалеченост од 2.000 километри од границата со Албанија и на 3.000 километри од границата со Грција. Џип „мерцедес“ не е погодно возило за бегство. „Фиат пунто“, на пример, е нешто друго. И најважно, Кичевскиот вози внимателно, не повеќе од 70 километри на час и почитува сообраќајни знаци и сигнализација.
Мислам, апсолутно не е реално да се помисли дека човекот би бегал. Не бре. На врапците им е јасно дека „разузнавачите“ на Виктор Димовски излегле „на терен“ да ги покријат трагите што морало да се покријат (ако морало), да му се најдат на на пуленот на власта и да го земат во заштита, ако треба.
А и зошто да бега Кичевскиот? Човекот е Ташнаревиќ по вокација, со богато си-ви, со конекции високо во државниот врв, со лајсанс-ту-кил. Никој ништо не му може, појак е од судбината.
Самите слушнавме дека тој е човекот кој го организирал и рекетот врз Миодраг Давидовиќ Дака, во случајот ШИК „Јелак“, каде на контроверзниот српски бизнисмен му џапнал 300.000 евра, а не му дал ништо за возврат. Еј, Дака е тоа, не е некој наш вчера испилен локален ебиветар. Таква манга да закрпиш…
Сами слушнавме како на опозиционерот Христијан Мицкоски овој истиов Кичевски му ги нуди своите услуги, како способен извршител на теренот. Одлично политичко позиционирање. Инвестира човекот во животот и после Заев.
И уште нешто знаеме за овој лик. Велат дека тој е најголемиот од сите наши нелегални сниматели на разговорите со своите собеседници. Сем Пекимпо што ја снима македонската дива орда. Наводно, ги снимал речиси сите свои средби. Дел од тие снимки се даваат и се продаваат на пазарот, служат за манипулации и за закани. Поголемиот дел се чуваат по клауди. Ќе се емитуваат по потреба.
Страшно е што вакви ликови ја тресат македонската политика. А ја тресат!
Погледнете ги изјавите на Зоран Заев и на Бојан Маричиќ за сообраќајката на Стража. Туѓ срам да те изеде!
Го прашавме директорот на Управата за извршување санкции… Ни кажа дека бил на отсуство за лекување… Не знаеме од што бил болен… Не знаеме зошто патрувал кон Скопје… Не знаеме зошто мочал во Зајас…
Камо бе другарот Заев да се провикне – море, мамичето мамино ќе му го ебам!
Е з’ш не мојт! Ете затоа. Ако дојде до мамичето онадење, попрво Кичевскиот ќе заврши работа.
Луѓе мои, после сѐ што се случуваше за време на режимот на Груевски, не верував дека еден ден ќе бидеме сведоци на вакви срамотилаци. За жал, денес сфаќаме дека мафијата во време на поранешниот режим е детска градинка во однос на мафијава што денес владее во Македонија.
А Кичевскиот, внимавајте, баш и не е некој голем штик во таа мафијашка групировка. Можете ли да си замислите што прават и каква државна заштита уживаат големите мафијашки босови?
Ете затоа, драги мои, нема правда, ама има мир. Мирно е ко на гробишта во Бутел…
ПС. А бре стоки низаедни, покажете малку чоештина, дај пуштете ја Гордана Јанкуловска од затвор дома некој ден, да си го види детето. Јас гарантирам дека од Идризово до дома нема никого да убие или да повреди по патот, ќе вози со брзина од 30 километри на час.