НА ЈАХТАТА НА ЗАЕВ НЕ СЕ ЗБОРУВА ЗА ПОЛИТИКА Филипче вели дека кукавици го обвинуваат дека е криминалец
Филипче негира дека се консултитира со поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и вели дека одлуките ги носи со потесното раководство на партијата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли обвинувањата дека поседува недвижнини и други луксузни добра во странство, притоа нарекувајќи ги „конструкции и лажни вести пласирани од ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој беше прашан зошто го поминал одморот на луксузна јахта, а од друга страна, на своите јавни настапи тврди дека се бори за стандардот на граѓаните.
– Сметам дека имам легитимитет и кредибилитет, цел живот работам за граѓаните, како доктор, како министер, како и за стандардот. Владата во која седев носеше мерки за платите. Платите на докторите се зголемија за 150%, сега платите се 150.000, имам право и ќе продолжам да се борам за стандардот. Тој систем на пропаганда кој е присустен, ме обвинува за куќа во Нерези, излезе дека не е вистина, дека имам џип – не е вистина, дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија – не е вистина, дека имам јахта – не е вистина – изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
– Жалам што таков систем на пи-ар развива ВМРО со свои медиумски инструменти. Тоа не е само политички феномен, туку општествен. Креираат таков наратив за да го сведат нивото под елементарното и цивилизациското, да ве одведат во калта. Тоа нема да го дозволам, сите тие работи не се вистина. Целта е да дискредитираат, тие луѓе се кукавици, те обвинуваат дека си криминалец, предавник, тоа е мантрата – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ вели дека ваквиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ го охрабрува и дека ќе ја врати државата на вистинскиот пат.
– Тоа повеќе ме охрабрува да се борам за државата знаејќи дека тоа ВМРО и сите кои го иницираат тоа, го прават затоа што немаат резултати и немаат што да кажат. Со ситни пари ги плаќаат луѓето за тоа, а се фокусирани на големи бизниси, огромни кредити и договори во 4 очи. Додека државата е на слеп колосек, младите се иселуваат, тие бараат лопови и предавници. Додека ВМРО е на власт, противниците на Македонија мирно спијат. Нема да го дозволиме тоа, ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат – рече Филипче.
Тој негира дека се консултитира со поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и вели дека одлуките ги носи со потесното раководство на партијата.
– Не, Зоран Заев веќе не се занимава со политика. Моите одлуки ги градиме со раководството, со потесното раководство на Извршниот комитет и се автентични одлуки на новото раководство на СДСМ – рече претседателот на СДСМ.