НЕ ЈА ЧИТАЛ КНИГАТА АМА БИЛ НАВРЕДЕН Напаѓачот на Салман Ружди се изјасни за невин
Прочитав само неколку страници, не ја прочитав целата книга до крај. Не ми се допадна таа личност, мислам дека не е добар – рече 24-годишниот Хади Матар.
Хади Матар (24), кој е обвинет за прободување на писателот Салман Ружди во американската сојузна држава Њујорк, се изјасни за невин за обид за убиство и напад од втор степен, за што се товари. Судот одлучи да го задржи Матар во притвор без можност да биде ослободен со кауција.
Неговото следно судење е закажано за 22 септември. Доколку биде прогласен за виновен, на Матар му се заканува затворска казна до 25 години.
Матар е обвинет дека го повредил Ружди минатата недела пред авторот на „Сатански стихови“ да одржи предавање во образовен центар во близина на езерото Ири.
Ружди беше хоспитализиран со тешки повреди, а писатели и политичари од целиот свет оценија дека ова е напад на слободата на изразување. Нападот го осуди и макеоднскиот ПЕН Центар.
Матар за новинарите изјави дека е изненаден што писателот преживе. Во интервју за американски Њујорк пост од затвор, Матар призна дека „прочитал само неколку страници“ од романот на Ружди „Сатански стихови“ и дека идејата за нападот ја добил откако видел објава на Твитер дека авторот ќе биде гостин во Институтот Чаутаука во американската сојузна држава Њујорк.
– Прочитав само неколку страници, не ја прочитав целата книга до крај. Не ми се допадна таа личност, мислам дека не е добар. Тој е некој што го нападна исламот, ги нападна моите верувања и религиозниот систем – рече Матар и додаде дека гледал видеа од Ружди на Јутјуб“.