🎥 НАВРЕДУВАНАТА УБАВИЦА СТАНА МИС УНИВЕРЗУМ Мексиканката Фатима Бош ја доби круната на финале обележано со скандали, солидарност и оставки
Претставничката на Мексико која претходно беше навредувана од тајландскиот директор на изборот за Мис Универзум 2025, стана фаворитка на јавноста и доби силна меѓународна поддршка по контроверзниот инцидент што предизвика солидарност од кандидатките. Таа ја доби круната за Мис Универзум 2025 од минатогодишната победничка, Данката Викторија Кјер Тејлвиг.
Фатима Бош од Мексико е прогласена за Мис Универзум 2025 на финалето во Нонтхабури, близу Бангкок. 25-годишната хуманитарна работничка, претходно беше навредена од Навад Ицарагрисил, директор на Miss Universe Thailand, кој на состанок пред кандидатките ја прекори Бош дека „не објавува доволно промотивни содржини“.
Дел од снимките покажаа дека тој ја нарекува „глупава“.
Кога обезбедувањето беше повикано да ја изведе Бош од просторијата, другите натпреварувачки се солидаризираа со неа, станаа и ја напуштија салата во знак на солидарност, што предизвика лавина реакции во светските медиуми, а убавицата стана фаворитка на јавноста и доби силна меѓународна поддршка.
Мексиканката ја презеде круната од минатогодишната победничка, Данката Викторија Кјер Тејлвиг. Прва придружничка е Правинар Синг, претставничка на земјата-домаќин, а во топ-5 влегоа уште Венецуелката Стефани Абасали, Филипинката Ахтиса Манало и претставничката на Брегот на Слоновата Коска, Оливиа Јасе.
Оваа година настапија натпреварувачки од 120 земји, меѓу кои и Палестинката Надин Ајуб – првата жена што официјално го претставува палестинскиот народ на изборот. Таа успеа да стигне до финалните 30.
Финалето го водеше американскиот комичар Стив Бајрн, а церемонијата беше отворена со настап на тајландската поп-ѕвезда Џеф Сатур.
Организацијата на изборот го осуди однесувањето на Ицарагрисил и му ја ограничи улогата во подготовките. Тој подоцна се извини на пренесувана церемонија за добредојде.
Неколку дена пред финалето, тројца членови на жирито поднесоа оставки. Композиторот Омар Харфуш тврдеше дека изборот бил „веќе решен“ и дека постоела „тајна група“ која ги определила првите 30 финалистки.
– Не можев да стојам пред камерите и да глумам дека гласам за нешто во што не сум учествувал – напиша Харфуш.
Miss Universe Organization ги оцени тврдењата како „погрешно претставување“ и истакна дека протоколите се јасни, надгледувани и транспарентни. Истото тело соопшти дека „не постои никаков импровизиран состав на судии“.
Истовремено, поранешниот француски фудбалер Клод Мекелеле исто така се повлече, наведувајќи „непредвидени лични причини“ и конечно, оставка даде и принцезата Камила ди Борбоне деле Ду Сицилија, претседателка на изборниот комитет за Мис Универзум.
Во прелиминарната вечер, претставничката на Јамајка Габриел Хенри доживеа тежок пад од сцената, по што беше изнесена на носила. Претседателот на организацијата, Раул Роча, објави дека е хоспитализирана, но дека нема скршеници и е во стабилна состојба.
Одговарајќи на финалното прашање за обраќање пред Генералното собрание на ООН, Фатима Бош испрати порака за женска самодоверба:
– Верувајте во силата на вашата автентичност. Вашите соништа значат нешто, вашето срце значи нешто. Никогаш не дозволувајте некој да ве натера да се сомневате во вашата вредност.
Изборот траеше три недели, со патувања низ Тајланд, бројни јавни настани и подготовки што кулминираа со финалето во Бангкок. За жал, за македонската претставничка Иман Тотиќ, немаше никакви информации. Таа веројатно воопшто не отпатувала на изборот во Тајланд.
View this post on Instagram