Подготвителниот натпревар кој се играше во СРЦ „Кале“ меѓу ТФТ и Чаир вечерва беше прекинат во финишот поради масовна тепачка, објави порталот МКД.
Инцидентот се случи на две минути до крајот на натпреварот кога по еден прекршок од страна на кошаркар на ТФТ имаше реакција на клупата на чаирчани.
Тензијата се прелеа и во публиката до степен да дојде и до тепачка, а капитенот на ТФТ, Едис Нури, беше нападнат со боксови однавивачи на Чаир.
„Македонската кошаркарска федерација ќе ги преземе сите мерки, и ќе изрече соодветни казни за актерите во инцидентот кој се случи вечерва на пријателскиот натпревар помеѓу екипите на ТФТ и Чаир 2030, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, кој беше прекинат од страна на официјалните лица. За таа цел, согласно со првичните информации, комесарот за натпреварување Александар Милојевиќ, од претставниците на двата клуба побара во текот на утрешниот ден да му достават изјави за причините за прекинатиот натпревар“, соопшти КФСМ.
Во соопштението се истакнува дека ова е „вторпат за кратко време, во подготвителниот период, пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, екипата на Чаир 2030 е учесник на натпревар во кој се случуваат работи кои немаат ништо заедничко со кошаркарската игра“.