Навалица за ПЦР тестови, ќе платите од 4.000 до 12.000 денари, зависи колку ви се брза
Редовните ПЦР тестови се 4.000 денари а има термини за 22 август, но имаме и итни термини за недела 16 август. Тој тест чини од 6.000 до 12.000 денари, велат од една приватна лабораторија во Скопје.
Македонците навалија да се тестираат за коронавирусот откако некои земји соопштија дека со негативен резултат од ПЦР тест ќе може да се влезе во нив. Бугарија примаше македонски граѓани со негативен ПЦР тест, а најново, Црна Гора денеска соопшти дека по шест месеци ќе ги крене рампите за државјаните од земјите во регионот. И во Србија од вечерва на полноќ нема да може да се влезе без негативен ПЦР тест.
Можноста последните денови од летото да се поминат на морски брег, ги намами граѓаните да закажуваат тестови за да можат да патуваат. Во меѓувреме, рипна и цената на овие „вонредни“ тестови.
Денес, ако сакате да направите ПЦР тест, доколку итно ви е потребен, ќе мора да платите од 4.000 до 12.000 денари. Толку се движи цената на тестот во приватните лаборатории и болници во Скопје, зависно за кога ви треба резултатот.
Еве какви одговорила добила скопјанка која утревечер треба да замине за Белград, а денеска, пред да биде соопштена одлуката на Кризниот штаб во Србија, извадила и билет, којшто исто така поскапел, па сега чини 3.300 денари.
– Немаме ништо слободно до 24 август, дури тогаш има термини за тестирање на коронавирусот. А тестот чини 4.000 денари. Резултатите се истиот ден – ѝ одговориле во една приватна лабораторија во Скопје.
Во друга лабораторија, оваа граѓанка добила и друга можност – да направи итен тест.
– Редовните ПЦР тестови се 4.000 денари, а има термини за 22 август, но имаме и итни термини за недела 16 август. Тој тест чини од 6.000 до 12.000 денари – велат од оваа лабораторија.
Во државното здравство засега нема тестирање на коронавирусот за лични потреби, но има најави дека Центарот за јавно здравје Скопје наскоро ќе ја понуди и оваа услуга и тоа по конкурентна цена од околу 3.000 денари за корона тест. Во текот на следната недела треба да стаса опрема, а по нејзиното инсталирање, заинтересираните граѓани ќе може да се тестираат и за тоа да платат пониска цена отколку во приватните лаборатории.
Бесплатен тест за корона сѐ уште може да се прави само според алгоритмот, којшто не е променет од почеток на епидемијата. Па, за да добиете термин за тестирање преку матичниот лекар, ќе мора да одговорите на повеќе од 10 прашања од типот – дали сте биле во контакт со странец, какви симптоми имате и други прашања.
Плусинфо уште во април годинава пишуваше дека некои граѓани дури и кажуваат невистини податоци само за да ги „исфрли“ компјутерот и за бесплатно да може да се тестираат дали се заразени со коронавирусот или не.