Како и минатата, така и оваа зима, сѐ повеќе се актуелизира загадувањето на амбиенталниот воздух во градовите во Македонија. Струмица, Скопје, Тетово… И нормално е да се актуелизираат но тие кои одлучуваат треба еднаш засекогаш да разберат дека мора да научат да слушаат научници. Научници, инаку, се личности кои преку систематски активности се стекнуваат со знаења. Во поограничена смисла, научник може да се однесува на поединец кој користи научни методи. Личноста може да биде стручна во едно или во повеќе полиња од науката. Научникот спроведува истражувања за детално разбирање на природата, вклучувајќи физички, математички и општествени подрачја.
Научниците се разликуваат од инженерите, оние кои осмислуваат, градат и одржуваат уреди за одредена ситуација, но сепак ниту еден инженер не може да се стекне со титулата без сериозно изучување на науката и научниот метод. Кога научник има за цел да изготви алатка за практична примена, станува збор за применета наука.
Филозофијата е специфична наука, особено што многу луѓе сакаат да ја применуваат иако немаат поим за нејзиното вистинско значење. Односно, во Македонија по глава на жител најмногу има „дрвени филозофи“ што по дефиниција е „човек што се прави многу паметен“.
И тука стасуваме до политичарите. Ајде што мислам дека голем дел нивни поданици се посебен вид филозофи-озборувачи, а не се занимаваат со филозофија, туку во реал политиката се појавуваат политичари кои ламентираат за прашања за кои немаат стручна наобразба, но демонстрираат сигурност небаре се академици. Конкретно, навистина изгледа многу недоветно кога политичари од различни партии влетуваат во замката на манипуланти кои по дефиниција се „индивидуи или група луѓе кои лажно се претставуваат, најчесто шират паника без основ за да издејствуваат одредена цел“. Да бидеме искрени, во последниот период во Македонија врескањето на самопрогласени активисти во повеќе сфери е добро утро. Една од нив е екологијата со непотребна глорификација на овој израз или поточно минимизирање на значењето на поимот заштита на животната средина.
За да може да се разговара за заштита на животната средина, за сегменти како што се загадувањето на некој град, мора да се разговара со научници кои точно знаат од каде доаѓа и кои се причините и чинителите на самото загадување. Овде може да составуваме прилично долг список. Всушност, списокот нема да заврши брзо, ама сепак е ограничен. Знаете што е неограничено? Глупоста. Е токму овој неограничен сегмент многу убаво го користат политичарите. Неверојатни махери се. Не размислуваат која е последицата од прифаќањето на глупоста како аргумент, туку ја надополнуваат и со меѓусебна недоверба (тоа е статус на нормални политичари), но прифаќаат и пристап со навреди, дисквалификација од најдолен вид и невидени размери, како и додворување со секаков тип измамници. Е ова додворување денес ни носи еден страотен заклучок: Македонија како држава има теоретски воспоставен систем, но во практиката тој се изигрува од највисоко до најниско ниво.
Еве да дадам мал придонес од она што ме научил мојот ментор од екстрактивна металургија. Добро е за Технолошкиот факултет, но и за целата стручна јавност што е уште млад и полн со ентузијазам. Со мали модификации и идеи од моја страна, еве какви мерки мора да се направат за да се спречи загадувањето во градовите во Македонија. За овие мерки кои изгледаат радикални, а сепак се многу практични за зачувување на животите и здравјето на нашите дечиња и најмили постари роднини и родители, политичарите мора да соберат храброст. Мерките се даваат со посебна важност во зимскиот период поради влажноста на воздухот, не се исклучуваат и другите временски периоди:
– Се забранува градење на повеќе од 10 згради истовремено на територија Град Скопје. Со земање предвид на големината географска и популациона истото се предвидува и за другите градови;
– Се ограничува производството на фабрики;
– Стратегија за водите започнувајќи од болниците;
– Се воведува во сите градови јавен превоз оптимален на големината на истите;
– Се воведуваат рестриктивни мерки за автомобили постари од 15 години;
– Сите автомобили кои загадуваат и кои се хаварисани се топат под посебни услови (значи само школката и металните делови, не и полимерите и седишта итн);
– Апсење на сите оние кои создаваат диви депонии;
– Сите оние кои топат полимер(жици) за да добијат бакар се обучуваат да го прават тоа со хидро услови, во спротивно добиваат ист третман како оние со дивите депонии;
– Се предвидуваат големи пешачки зони итн.
Наместо да се навредувате еве ви дебата драги политичари. Има уште 100 точки. Сепак, многу поверојатно е дека ќе продолжите да носите кризни мерки кои немаат допирна точка со реалноста и преку медиумите ќе повикувате на дебати лажно стручни лица од типот на Танушев, „ТРН“ Велков и уште ќе ги сметате за достојни експерти со кои мора да се разговара. Таквиот легитимитет кои го даваат политичарите заедно со медиумите на овие манипуланти кои живеат за 5 минути слава, не разбираат дека ја нарушуваат целата концепција на употреба модерни технологии и решенија кои ќе ја сочуваат животната средина, ќе направат баланс помеѓу потребите на луѓето и сиот друг жив свет.
Зошто претходно го споменав системот? Неспорно е дека на македонското општество му е неопходен здрав НВО сектор. Но дали нашиот е таков? Секоја чест на исклучоците. Не смееме да молчиме на фактот дека постојат многу примери на изигрување на граѓанскиот активизам, кој за жал неретко се претвора во пара-систем за уценување на политичарите преку разни форми на притисок. Дали се тоа социјални мрежи, протести или пак преку нивните еко новинари е апсолутно неважно. Она што е суштински важно е дека во Македонија егзистираат типови кои преку фингиран граѓански активизам всушност одработуваат за одредени центри на моќ чија цел е држење на општеството во една „статус кво“ ситуација, што би ја толкувал со фразата „Формално сме НАТО, официјално сме за ЕУ ама душите и срцата ни се со Русија“.
Еве да им поставам две прашања на еко активистиве во рамки на рударството, посебно дел за екстракција на злато како најскапоцен метал и употреба на дехидрирана јаловина.
Прашање бр.1, а богами и Прашање бр.2 во едно:
Драги еко активисти, за мене дилетанти, како ќе ја коментирате општата проценка на ризик со следниве сценарија:
– Сува јаловина без одмивање за да се вратат реагенсите (со содржина на раствор од лужење од 8-15%)
– Сува јаловина без одмивање за да се вратат реагенсите (со содржина на раствор од лужење од 1.6-3%)
Еве да им помогнам. Одмивањето на јаловината го намалува ризикот од миграција бидејќи ќе ги отстрани потенцијалните подвижни метали. Покрај тоа, процесите од природното слабеење како што се апсорпција, пуферскиот капацитет и разредувањата ќе ги намалат влијанијата.
Во 2024 година демаскирањето на оние кои го протежираат процесот на комплетно осиромашување на нашата држава продолжува. Нивните закани, омаловажувања и навреди кон нас не функционираат. Сакам да го искоментирам и последниот напад од Ангел Наков кон Бранко Героски. Не дека Героски не знае самиот да се одбрани, туку затоа што јас не можам да се воздржам. Под профилот „Спас за Гевгелија“ Ангел Наков забележува дека зад рударството застанале непознати експерти, периферни личности, алкохоличари и неколку новинари кои за себе имале мислење дека се авангарда на македонското новинарство. За потсетување во минатата колумна напишав дека во една емисија на една ТВ нѐ нарекоа и наркомани. Еве едно прашање до Наков, согласно неговите критериуми, како се нарекува пропаднат бизнисмен кој со сета поддршка од институциите успеа да ја уништи идејата Кожуф да стане регионален ски центар?
Оваа нервоза и плачки се последица на следното. До пред некое време си тропаа „зелени“ без некој да им реагира. Своите манипулации и паники ги продаваа како апсолутна вистина. Одеднаш се чувствуваат загрозено. Не можат да водат стручна дебата бидејќи се „боси“. Затоа се служат со навреди и приземен речник. Ветиле дека ќе испорачаат, сѐ наплатиле ама не предвиделе дека може и некој да ги разобличи нивните вистински намери.
Впрочем, тие знаат дека ние имаме само една стратегија. А тоа е на научно ниво да се одлучи за иднината на Македонија. Стратегија која на најтранспарентен начин ќе се споделува со јавноста.
Втората стратегија нема потреба да биде насочена кон лажните еко активисти туку кон други скриени играчи кои имаат влијание врз политичарите и им испратиле во нивното блиско опкружување филозофи-озборувачи (познати како полтрони).
За последниве ми доаѓа да споделам еден виц: Доаѓа шефот и вели. Кажи „два“. Полтронов: „два“. Шефот со блага насмевка му вели да ти ја треснам ја. Полтронов жив среќен и коментира: Леле шефе цар си.
Ама чакрлија полтрон. И му вели на Шефот: Кажи „три“, шефе. Шефот: „три“. Полтронов гордо му возвраќа: Да ми ја треснеш ти, шефе.
Ова е нашата сегашна вистина која заедно ќе ја измениме. Сите заедно.