Наука со лош вкус

Се разбира дека Вангелов беше/е во право и знаеше дека ние не се вбројуваме во она „никаде во светот“. Де факто, ние сме тоа „никаде во светот“, ние сме најдостојните репрезенти на балканската крчма што сѐ уште чади, но ние сме – сѐ уште – и најочигледните потомци на оние сто илјади ослепени Самоилови војници.

717

Веќе е заморно по стоти пат да убедувате некого, особено оваа власт, дека културата, разбрана во нејзиниот најширок опфат, е темелот на една држава. Кога тој се урива, се урива и државата. Не велам дека некој намерно ги урива културните темели на оваа држава. Но не можам да кажам и дека не е така.

Ние најчесто штетите ги припишуваме на неукост, игнорирање, на умисленост и „високо“ его…, итн., ама забораваме дека таквите неуки и игноранти некој ги поставува на витални позиции. Инфантилните изјави од типот за „чист јазик“, „заедничка историја“ и релативизирањето на периодот 1941-1945 се само еден актуелен тренд од мноштвото глупости што секојдневно ги слушаме! Особено последниот и најпростачкиот: дека на оние кои мислат поинаку „им нема спас“!






Но тие се само сегмент од оние „подлабоките“ што оправдуваат сѐ – од идеолошки памфлети до тешки криминали, од дискриминација до неождановизам, од културни заблуди до научна понизност. И тука, за жал, завршуваат сите демократски релации/опции во расправите, зашто вие на такви ликови не можете да им објасните колку не знаат. Како што ни на Владата не можете да ѝ објасните дека историјата е дел од културата, а обете не се детска играчка баш за секого, дека тоа се сериозни нешта во коишто се важни само и единствено (научните) аргументи. Сето друго е политикантска пролиферација, квазинаука, некултура… политики со лош вкус. А кога политиките се такви, науката не може да биде поинаква!

Токму затоа почитуваниот и драг пријател, професор, голем лингвист и интелектуалец Атанас Вангелов, по еден повод во врска со нашиве перипетии со источниот сосед, беше напишал: „Проблемот е во тоа што еден е доменот и компетенцијата на науката, друг на политиката. Никаде во светот научници не преговараат и не се договараат за тоа што е – научна вистина, но затоа пак во светот на политиката без преговори и договори (дијалог) има само говор на топови и тенкови.“

Се разбира дека Вангелов беше/е во право и знаеше дека ние не се вбројуваме во она „никаде во светот“. Де факто, ние сме тоа „никаде во светот“, ние сме најдостојните репрезенти на балканската крчма што сѐ уште чади, но ние сме – сѐ уште – и најочигледните потомци на оние сто илјади ослепени Самоилови војници. Толку сме слепи што не гледаме ни овде што ни се случува, не пак во светот. Оттука, ама баш никако не ме плаши ова со Царот. Тој бил и ќе си остане – „наш“, барем по слепилото. И тој, имено, бил „слеп“ односно без логична политичка ориентација кога, избирајќи го Охрид за престолнина на „блгарското царство“, мислел дека државните граници се и етнички граници. Ама не биле.

А замислете да го избрал Ниш за престолнина? Или Лариса? А можел, биле негови. А Крум можел да го избере дури и Белград. Какви ли сѐ „историски“ дилеми ќе предизвикаше тоа кај оној Димитров, па кај нашиов Ѓоргиев… и другите од „заслепената“ Комисија. Зашто таа, Комисијата, дилемите ги решава не со наука туку преку – соопштенија. Не со аргументација, не со научен дијалог и/или полемика, најмалку пак со своерачно напишани книги на конкретните теми, со што би се легитимирале како компетентни за прашањето. Токму тоа говори дека таму и не станува збор за наука туку за „политика на лош вкус“. Или политикантство, како сакате. Колку бил во право Вангелов!

Оттука, добивме ли ние всушност нова комисија за некрофилска историска лустрација? Веројатно, зашто онаа првата, на злосторничкото здружение и бегалецон од Пешта, се занимаваше главно со живи идеолошки опоненти. И тие, вака или онака, барем можеа да реагираат на нивните „тези“ и обвинувања. Кој, и како, да реагира во новиве случаи на историска лустрација што зафаќа низ десетици векови во минатото, кој да биде „дрвен адвокат“ на Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самоил и други, и кој, евентуално, да покрене процеси во нивно име? Кој друг ако не МАНУ (каква-таква), ако не УКИМ (каков-таков), ако не другите национални институции од областа на историјата…, кој ако не – науката? Без оглед што и оваа нова некрофилска историска лустрациска комисија се обидува да се (со)крие зад науката, што малку потешко ѝ успева. Зашто, каква е таа наука што се занимава со кладилница за нечија етничка припадност, која во неколку чифта очи определува кој што бил во деветтиот, десеттиот, единаесеттиот век? Или повеќе ѝ прилега зборот – паранаука, квазинаука, полит-наука и „наука“ со лош вкус?

Зашто, прочитајте го уште една Вангелов: „(…) научници не преговараат и не се договараат за тоа што е – научна вистина (…)“! А овие, по ѓаволите, седнале како средсело и ја крчмат историјата божем тие ја измислиле.

Никако не мислам дека „социјалистичката“ македонска историска наука ја беше поцицала целата мудрост во светот и најдобро си ја сработи домашната задача. Меѓутоа, нели овие денешниве некрофили се ученици токму на некогашните македонски историчари? Па зошто молчеа досега, зошто никој од нив не крена глас против незнаењето на нивните професори, против (наводните) фалсификати, против допишувањето и препишувањето на историјата, зошто никој не напиша барем една книга за заблудите на македонската историја? Ако сето тоа го знаеле, а молчеле, нели се всушност полоши дури и од нивните професори, нели е тоа лицемерие и хипокризија, недостаток на научна етика и доблест, но и на добро воспитување? Ако нивните професори биле тесно поврзани со тогашната македонска политика, зарем овие не се со сегашната? Впрочем, сите сме имале професори кои можеби грешеле, ама сме имале смелост и доблест на тоа да им укажеме – низ дијалог, но и полемика, па и кавга, ако било неопходно. Инаку, во што би биле подобри од нив?

Политикантството не може да биде наука, како што ни науката не смее да биде политикантство. Не мислам дека нивниот „брак“ е невозможен, но е многу, многу проѕирен, напорен, ризичен. По науката, се разбира. Не случајно – а во нашиов пример тоа е очигледно – Richard Brown и Elizabeth Malone велат дека „Концептот на науката обично ги вклучува посветеноста на разумот, објективноста и непристрасноста во потрагата по вистината за природата на светот. Во овој поглед, политиката, во смислата на маневрирањето да се здобие со власт, ги корумпира и процесот и продуктот на науката.“

Тоа ли се случува кај нас, сега и овде? Чиста „научна корупција“, не помала од сличните криминални коруптивни афери на оваа власт? За таква ли „наука“ говориме и кому навистина таа му е потребна?
На збиените партиски редови кои им аплаудираат и на оние грст неуки шушумиги со нивните „сочувства“ колку наводно „е напорно и мачно кај нас луѓето што знаат, да си ја вршат својата работа“?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини