Вирусологот Џонатан Летам и молекуларниот биолог Алисон Вилсон, кои работат за непрофитната организација Bioscience Resource Project во Итака, дошле до интересно откритие додека преведувале магистерски труд од еден кинески доктор. На 66 страници тој го опишал лекувањето на рударите кои се разболеле во 2012 година во рудникот, а примероците од нивното ткиво ги праќал до Институтот за вирусологија во Вухан, за анализа.
„Доказите што ги пронајдовме нè поттикнаа повторно да преиспитаме сè што знаеме за изворот на заразата со коронавирусот“, напишале Летам и Вилсон во студијата што ја објавија на 15 јули на нивната веб-страница.
Летам изјавил за „Њујорк пост“ дека смета дека вирусот речиси сигурно избегал од лабораторија во Вухан.
Во април 2012 година, шест рудари се разболеле откако 14 дена чистеле измет на лилјаци во рудникот Мојанг во провинцијата Јунан во југозападна Кина Тројца починале. Во својот магистерски труд, Ли Ксу, кој ги лекувал рударите, опишува дека тие имале висока температура, сува кашлица, болки во мускулите и понекогаш главоболка, а сите тие се симптоми што денес се поврзуваат со ковид-19.
Третманот на болните рудари бил сличен на третманот на лица со ковид-19 – респиратори, стероиди, антибиотици и разредувачи на крв. Откако рударите ги тестирале за хепатитис, денга треска, па дури и ХИВ, резултатите биле негативни, а докторот се советувал со различни специјалисти од цела Кина, меѓу кои и Жонг Наншан, човекот кој одигра клучна улога во запирањето на епидемијата САРС во 2003 година.
– Ова укажува на тоа дека болеста на шесте рудари предизвикала голема загриженост и се сметало дека САРС е причина за болеста, напишале Летам и Вилсон.
Институтот Вухан заклучи, анализирајќи ги примероците од ткивата, дека изворот на инфекцијата е веројатно кинески лилјак, пишува весникот.
Летам и Вилсон веруваат дека вирусот во телото на рударите се развил во Сарс Ков-2, необичен коронавирусен патоген, кој лесно се пренесува меѓу луѓето, и дека примероците некако избегале од лабораторијата минатата година и предизвикале пандемија од невидени размери.
Иако научниците од лабораторијата во Вухан земале примероци од коронавирус од лилјак од истиот рудник, не успеале да видат поврзаност со настаните во 2012 година, изјавил Летам за „Њујорк пост“.
Ши Џенгли, вирусолог во лабораторијата Вухан, позната како „жена лилјак“ поради посветеното истражување за коронавирусот кој потекнува од лилјаци, изјави неодамна за „Scientific American“ дека рударите починале од габична инфекција. Таа истакна дека би било прашање на време кога рударите би се заразиле со коронавирусот доколку рудникот не бил веднаш затворен.
– Од рудникот страшно смрдеше, како од пеколот. Пештерата беше затрупана со измет од лилјаци – рекла таа.
Извор: Glas javnosti/Alo