НАУЧНИЦИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ Катарактата е поврзана со поголема смртност од срцеви заболувања
Експертите истакнуваат дека новото откритие не значи дека катарактата предизвикува проблеми со срцето и дека целта на студијата не била да се докаже причината и последицата, пренесува порталот „HealthDay News“.
Катарактата или очната завеса, вроденото или дегенеративно заматување на леќата на окото, кое често се развива со возраста, може да биде поврзано со зголемен ризик од смрт од срцеви заболувања, покажа новото истражување.
Главниот симптом на катарактата е постепено, безболно заматување на видот. Дијагнозата се поставува со офталмоскопија и преглед со процепна ламба. Се третира со хируршко отстранување и вметнување на леќа.
Експертите истакнуваат дека новото откритие не значи дека катарактата предизвикува проблеми со срцето и дека целта на студијата не била да се докаже причината и последицата, пренесува порталот „HealthDay News“.
– Различни здравствени состојби, како висок крвен притисок, дијабетес или пушење, се поврзани со почестиот развој на катаракта, а истите болести се поврзани со васкуларна смртност, што може да ја објасни оваа корелација – вели др. Метју Горски, офталмолог во Здравствената болница Нортвел во Њујорк. Тој смета дека појавата на катаракта може да укажува на други здравствени состојби.
– Пациентите треба да ги користат резултатите од оваа студија како потсетник за важноста на редовните очни прегледи кај нивниот офталмолог, особено кога станува збор за постари луѓе или оние кои веќе имаат одредени здравствени проблеми – рече Горски, кој не учествуваше во студијата.
Податоци собрани од 1999 до 2008 година
Истражувањето е спроведено во Австралија, а го водел др. Минггуанг Хе од Центарот за истражување на здравјето на очите на Универзитетот во Мелбурн.
Неговиот тим ги анализирал податоците собрани помеѓу 1999 и 2008 година на речиси 15.000 пациенти во САД на возраст од 40 години и постари. Повеќе од 2.000 или 9,6 отсто рекле дека биле подложени на операција на катаракта.
За време на просечното следење на учесниците во студијата кое траело скоро 11 години, околу 4.000 или 19 проценти починале.
По разгледувањето на голем број здравствени и социо-економски фактори, истражувачите откриле дека ризикот од смрт од која било причина е 13 отсто поголем, а ризикот од смрт од срцеви заболувања 36 отсто поголем кај луѓето кои имале операција на катаракта.
Оксидативниот стрес (нерамнотежа во природните оксидативни процеси кои влијаат на клетките) и депресијата можат да бидат вообичаени фактори кои можат да влијаат на развојот на катаракта додека го зголемуваат ризикот од смрт кај луѓето со срцеви заболувања, покажа студијата.
Во исто време, студијата открила „врска помеѓу самопријавената операција на катаракта“ и зголемен ризик од смрт од која било причина – особено од причини поврзани со проблеми со срцето, велат авторите.
Претходни операции
Др. Марк Фромер е офталмолог во болницата Ленокс Хил во Њујорк. По проучувањето на резултатите од студијата, тој рече дека „не е изненадување да се очекува дека пациентите со катаракта имаат и други поврзани болести бидејќи повеќето пациенти со катаракта се постари“.
Фромер, исто така, истакна дека хируршкото отстранување на катаракта се изведува денес на порана возраст на пациентот отколку пред неколку децении.
– Таквите практики резултираа пациентите да живеат подолго по операцијата отколку што беше забележано пред само неколку децении. Подобриот вид по операцијата резултира со подобар квалитет на живот и може да спречи несреќи кои можат да доведат до смрт и повреди поради слаб вид – вели тој.