НАУЧНИЦИТЕ АЛАРМИРААТ ПОРАДИ МАСОВНАТА УПОТРЕБА НА МЕЛАТОНИН Апчињата кои луѓето масовно ги земаат без рецепт се поврзани со поголем ризик од затајување на срцето

Резултатите на остражувањето покажуваат дека луѓето кои земале долгорочно мелатонин имале 89 проценти поголем ризик од затајување на срцето во текот на период од пет години, а исто така имале речиси двојно поголем ризик од смрт од која било причина во споредба со луѓето кои не земале мелатонин.

4

Студија за едно од најчесто користените помагала за спиење предизвика загриженост кај научниците поради можната поврзаност со долгорочните здравствени ризици. Прелиминарна анализа на возрасни лица со несоница покажала дека оние кои земале мелатонин повеќе од една година имале поголем ризик од срцеви проблеми. Студијата опфатила повеќе од 130.000 возрасни лица од неколку земји и била презентирана на научниот собир на Американското кардиолошко здружение.

Резултатите покажуваат дека луѓето на кои им бил препишан мелатонин долгорочно имале 89 проценти поголем ризик од затајување на срцето во текот на период од пет години, а исто така имале речиси двојно поголем ризик од смрт од која било причина во споредба со луѓето кои не земале мелатонин.






Сепак, авторите на студијата нагласуваат дека резултатите се прелиминарни и не ги менуваат моменталните здравствени препораки. Наодите не докажуваат дека мелатонинот предизвикува срцеви проблеми, но укажуваат на потребата од повеќе истражувања за да се процени безбедноста на долготрајната употреба.

Мелатонинот е хормон природно произведен од мозокот кој го регулира внатрешниот часовник на телото. Додатоците на мелатонин ги имитираат ефектите на овој хормон и често се земаат навечер за да помогнат при заспивањето и одржувањето на сонот.

Експертите генерално веруваат дека мелатонинот е безбеден за краткотрајна употреба, обично еден до два месеци, кај лица кои не се бремени или дојат. Меѓутоа, истражувањата за долготрајна употреба и неговите можни ефекти се сè уште ограничени.

Според американскиот научник Екенедиличукву Нади, додатоците на мелатонин можеби не се толку безопасни како што често се претпоставува.

– Доколку нашите резултати се потврдат, ова би можело да влијае на начинот на кој лекарите ги советуваат пациентите за користење на средства за спиење – истакнал тој.

Во САД, но и кај нас и во многу други земји, мелатонинот може да се купи без рецепт, што значи дека многу луѓе го земаат без медицински надзор, вклучувајќи препораки за дозирање и времетраење на употреба.

Имено, мелатонинот е достапен без рецепт во аптеките, дрогериите и онлајн продавниците и се продава во форма на таблети, капсули, спрејови или капки. Најчесто содржи пониски дози на мелатонин и се продава како додаток во исхраната.

Помама по мелатонин

За помамата за мелатонинот кој може да направи хаос во телото, хрватската докторка, м-р Вјера Матковиќ Ферери, специјалист по психијатрија и неврологија, единствениот со оваа двојна титула во Хрватска, а воедно и искусен сомнолог, зборува за Živim.hr.

– Мелатонинот го лачи епифизата, мал орган сместен длабоко во мозокот, кој се активира во темница. Исто така се нарекува хормон на темнината, или дури и хормон на грофот Дракула, бидејќи се лачи ноќе, најчесто помеѓу еден и три часот наутро, а неговото ниво нагло опаѓа околу еден час пред будењето – објаснува м-р Матковиќ Ферери.

Овој хормон, додава таа, е клучен за одржување на нашиот внатрешен часовник, или циркадијален ритам, кој одредува кога сме будни, а кога сме поспани. Иако мелатонинот може да се купи без рецепт, важно е да се нагласи дека станува збор за хормон.

– Како и сите хормони, тој функционира преку механизам за повратна информација. Ако го внесуваме однадвор, телото може да го намали производството на сопствениот мелатонин. Ова значи дека, на долг рок, би можеле да постигнеме спротивен ефект – објаснува докторката.

Посебен проблем, додава таа, е што мелатонинот не е стандардизиран лек.

– Може да се најде на пазарот во опсег од 0,1 до дури 10 милиграми. Ова се огромни разлики, а повеќето препарати не се подложени на строга фармацевтска контрола бидејќи мелатонинот се продава во повеќето земји како помошен медицински производ, а не како лек. Значи, често не знаете точно што внесувате. Најниската физиолошка доза, онаа што одговара на природната количина што телото ја произведува самостојно, е околу 0,3 мг – вели м-р Матковиќ Ферери, додавајќи дека повеќето додатоци содржат десет пати повеќе мелатонин. Во високи дози, може да дејствува како хипнотик и да го скрати времето потребно за заспивање, но овој ефект е многу скромен и краткотраен.

Мелатонинот има свое место во медицината, но во точно одредени ситуации.

– Најмногу помага најмногу кај џет-лег, работа во смени и нарушувања на ритамот на спиење. Се користи и кај деца со аутистичен спектар, кај кои спиењето е често фрагментирано и тешко. Но, дури и тогаш се користи со надзор и во комбинација со фототерапија. Бидејќи светлината е всушност најсилниот регулатор на нашиот биолошки ритам, дури и посилен од самиот мелатонин – вели докторката. Но, кога станува збор за несоница, резултатите често се многу скромни.

Поврзани содржини