НАУЧИ ДА ПИШУВАШ (17) Неколку „тајни“ за тоа како се пишува моќен говор

1,408

Беседата е расправа што усно се соопштува пред група луѓе. Ефектот на тој чин секако зависи од уверливоста на напишаното, но и од вештината со која беседи говорникот. Таа вештина се нарекува реторика и во античко време била исклучително развиена духовна дисциплина. На задоволство на сите, во последно време во некои студентски кругови кај нас, се обновува интересот за вештината на ораторството, се организираат курсеви и натпревари.

На ова место, сепак, нема да стане збор за реториката, туку за елементите според кои овој модел на развивање на текстот се разликува од досега наведените модели, посебно од тој што му е најблизок – од расправата. Разликата, имено, произлегува од некои фактори што се поврзани со самиот чин на беседење и со очекуваните ефекти.






Во ова, претпоследно продолжение од мојата серија статии посветена на сите што сакаат да ја унапредат вештината на пишување, ќе стане збор за тоа како да се напише добра беседа. Се разбира, треба да се умее и моќно да се говори, но во принцип, говорот прво треба да се напише и по можност, да се запамети пред да се декламира. Еве неколку совети за тие што сакаат да пишуваат моќни говори.

Бранко Героски новинар

Веднаш да се зграпчи вниманието на публиката

Пред сѐ, треба да се има на ум фактот дека беседата е временски ограничен феномен. Историјата, се разбира, памети и говори што траеле и по неколку дена (често се прикажуваат маратонските говори на Фидел Кастро, на пример), но денес веќе таквото трошење време е бесмислено. Најважните државнички говори вообичаено траат најмногу еден час, за пристојни се сметаат получасовните беседи, а говорењето во нашиот парламент од неодамна е ограничено на скромни десет минути. Како и да е, вештиот беседник секогаш смета на тоа дека времето и трпението на луѓето што го слушаат се ограничени. Тоа налага три битни новини при структурирањето на неговата расправа.

Прво, говорникот мора веднаш да го зграпчи вниманието на аудиториумот, а тоа значи дека мора да отстапи од стандардната шема на редоследното изложување на фокусното прашање, хипотезата, антитезите, аргументите и на резимето на расправата. Можеби смелоста на неговата хипотеза, можеби атрактивноста на некој аргумент или пак некој необичен детал или силен цитат би можеле да бидат првите магични зборови со кои говорникот ќе ја отвори својата беседа и веднаш ќе го привлече вниманието на слушателите.

Второ, кога еднаш ќе го зграпчи вниманието на публиката, работата е далеку од завршена. Вниманието мора постојано да се одржува, а тоа не е лесна задача. За разликата од расправата преточена на хартија, која може да се чита и да се препрочитува, беседата не може да се повтори. Тоа значи дека говорникот треба цврсто да се фокусира на главната идеја на својот говор и своите аргументи да ги пласира без широки и сложени експликации, а особено без погубни дигресии. Говорот треба да прогресира брзо и сигурно кон својот ефектен крај.

И трето, говорот се пишува во јасни и кратки реченици, кои лесно се изговараат и уште полесно се паметат. Ритамот се постигнува со уште пократки реченици, кои понекогаш се состојат од еден збор или фраза. Пожелна е употреба на метафорични изрази, но само такви што се општо познати (како што веќе рековме, најтипични се стилските фигури на повторување).

Како да се биде уверлив?

Треба да се има на ум и тоа дека една од најважните задачи на говорникот е да биде уверлив, да ја стекне довербата на луѓето што го слушаат и да им се допадне. Поради тоа, тој применува некои специфични постапки, техники, па дури и трикови.

Прво, тој беседи во прво лице еднина или во прво лице множина, ако зборува во име на група луѓе или во името на некоја институција (влада, партија и слично). Зборувањето во прво лице остава впечаток на искреност.

Второ, говорникот директно им се обраќа на луѓето што го слушаат, со фрази со кои му изразува почит на аудиториумот (почитувани граѓани, дами и господо, драги пријатели, браќа и сестри и слично). Говорникот треба да внимава неговото директно обраќање кон публиката да не биде препознаено како неискрено и блазирано, бидејќи тогаш говорот ќе заврши пред да почне.

Трето, за да постигне уверливост, говорникот се служи со едноставни и уверливи аргументи, при што најуверливи се едноставните примери, илустрации и компарации, кратките и силни цитати, бројките и слично. Никој нема време и трпение да слуша како аргументите се нижат во сложени синџири, кои само го збунуваат слушателот.

И четврто, говорникот зборува со разговорен јазик, но истовремено плени со ерудиција, духовитост и речитост. Тој зборува едноставно, разбирливо за секој што го слуша, но богато – неговиот речник е преполн со прекрасни зборови, со инвентивни фрази и со оригинални метафори, во кои известувачите ги бараат насловите за утрешните извештаи.

Така беседеше Мартин Лутер Кинг…

Само големите беседници умеат така да зборуваат и да ја почувствуваат магиската моќ на говорењето. Некогаш можат да ја употребат за добри цели, а некогаш – да ја злоупотребат. Многу големи светски диктатори истовремено биле и одлични говорници. Типичен пример за ова се нацистичките асови Хитлер и Гебелс (говорите на Гебелс неодамна се преведени на македонски јазик). Како чин на врвна манипулација се сметаат и говорите на српскиот водач Слободан Милошевиќ, кого го паметиме како диктатор, но и како извонреден говорник.

Сепак, како инспиративен пример, овој пат ќе посочам еден говор кој одигра многу важна улога во либерализирањето на американското општество во шеесеттите години на минатиот век. Станува збор за говорот на Мартин Лутер Кинг, под наслов „Јас имам сон“, изговорен во Вашингтон, на 28 август 1963 година. Еве извадок од таа впечатлива беседа:

Денес ви велам, пријатели мои, и покрај тешкотиите денес и утре, имам еден сон. Тоа е сон, кој е длабоко всаден во американскиот сон. Имам еден сон, дека еден ден оваа нација ќе се подигне и ќе живее во вистинското значење според кредото: Оваа слобода ја сметаме за подразбирлива: дека сите луѓе се подеднакво создадени.

Имам еден сон дека еден ден на црвените ридови на Џорџија синовите на поранешните робови и синовите на поранешните сопственици на робови заедно ќе седнат на масата на братството.

Имам еден сон дека еден ден дури и државата Мисисипи, држава која се мачи во жештината на неправедноста и угнетувањето, ќе се измени во оаза на праведноста.

Имам сон дека моите четири деца еден ден ќе живеат во една нација, во која се оценува не според бојата на кожата, туку според карактерот. Имам денес еден сон…

Имам еден сон дека еден ден во Алабама, со своите зли расисти, со својот гувернер, од чија уста излегуваат зборови како интервенција и анулирање на расната интеграција, дека еден ден токму таму, во Алабама, момчиња и девојчиња – црнци ќе се ракуваат со момчиња и девојчиња – белци, како браќа и сестри. Имам еден сон дека еден ден секоја долина ќе се подигне, а секој рид и планина ќе се спуштат. Нерамните места ќе бидат направени рамни. И перфекцијата на господарот ќе стане очигледна и сѐ што е од месо ќе го види тоа.

Тоа е нашата надеж. Со оваа вера се враќам назад на Југ. Со оваа вера ќе бидам способен од планината на очајот да издлетам камен на надежта. Со оваа вера ќе бидеме способни лошите звуци во нашата нација да ги измениме во една прекрасна симфонија на братството.

Со оваа вера ќе бидеме способни да соработуваме, да се молиме, заедно да се бориме, заедно да одиме в затвор, заедно да се подигнеме за слободата, со сознанието дека еден ден ќе бидеме слободни. Тоа ќе биде денот, на кој сите Божји деца ќе можат да ѝ дадат ново значење на оваа песна: Мојата земја, тебе ти пеам, земјо на слободата. Земја во која умреа моите татковци, гордоста на прочистените, нека одекне слободата од сите планини.

Ако Америка стане голема нација, тогаш ова ќе мора да се оствари.

Нека одекне слободата од огромните врвови на Њу Хемпшир. Нека одекне слободата од моќните планини на Њујорк, нека одекне слободата од високите Алженис во Пенсилванија. Нека одекне слободата од со снег покриените Роки Маунтинс во Колорадо. Нека одекне слободата од раширените висини на Калифорнија. Но, не само тоа, нека одекне слободата од Стоун Монтин во Џорџија. Нека одекне слободата од Лукаут Маунтин во Тенеси. Нека одекнува слободата од секој рид и секое ритче во Мисисипи, нека одекне слободата од секоја височина.

Ако слободата одекнува, ако дозволиме таа да одекнува од секој град и од секое местенце, од секоја држава и голем град, тогаш ќе можеме да го забрзаме процесот кога ќе дојде денот кога сите Божји деца, црни и бели луѓе, Евреи и атеисти, протестанти и католици, ќе си подадат раце и ќе ги пеат зборовите на стариот Негро Спиритуал: Конечно слободни! Конечно сдека лободни! Голем семоќен Боже, конечно сме слободни!“

(Во следното, последно продолжение: Кус есеј за пишувањето и подарок – книгата „Научи да пишуваш“ во Word)

Илустрација: pixabay.com

Поврзани содржини