Кога ги пренесуваме зборовите на говорникот така како што се кажани, при тоа издвоени со соодветни интерпункциски средства (цртички или наводници), велиме дека употребуваме директен говор.
Директниот говор се воведува со најавна реченица или фраза. Втор начин на поврзување на директниот говор е логичката врска со остатокот од текстот, при што веднаш по директното пренесувањето на зборовите на говорникот следува излезна реченица, одвоена со соодветен интерпункциски знак (цртичка, наводник или запирка). Излезната реченица ни соопштува кој зборува. Поретки се случаите кога реченицата што соопштува кој зборува се вметнува во средината на директниот исказ (цитатот).
Еве една реченица на францускиот претседател Саркози, што ќе ја пренесеме во директен говор, на трите наведени начини.
Францускиот претседател Николас Саркози изјави: „Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам“. Тоа е првиот начин – најавната реченица соопштува кој зборува. Наводниците можат да се заменат со цртички, но тогаш цитатот мора да почне во нов ред и со него параграфот мора да заврши (кога станува збор за печатот, тоа е интерпункција што јас ја преферирам).
Вториот начин е кога наместо најавна, имаме излезна реченица од цитатот. „Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам“, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Ако се определиме за цртички наместо за наводници, тогаш цитатот и излезната реченица се разделуваат со цртичка (некои преферираат запирка, но јас мислам дека тоа е погрешно).
Еве го и третиот начин. „Европа, изјави францускиот претседател Николас Саркози, мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам“. Реченицата што соопштува кој зборува е вметната во цитатот. Овој начин почесто се среќава во книжевните одошто во новинарските форми.
Во оваа статија зборуваме за директниот и за индиректниот говор, за цитатите и за парафразите, како и за дијалогот. Станува збор за постапка која ја засилува уверливоста и драматичноста на нашиот исказ и затоа е многу важно да научиме како да ги употребуваме овие изразни средства.
Индиректен говор е пренесување туѓи зборови на тој начин што се менува морфолошката и синтаксичката структура на реченицата, а содржината останува иста или приближно иста. Таквата реченица содржи главна реченица, т.н. вербум диценди, во која нараторот соопштува кој зборува, а кон неа, во облик на зависна реченица, се надоврзуваат зборовите што ги пренесуваме. За разлика од некои други јазици, македонскиот јазик е погоден за употреба на индиректен говор, зашто освен некои помали синтаксички интервенции, не се наложуваат позначајни морфолошки промени во исказот (во англискиот јазик, на пример, во т.н. reported speech, потребно е да се усогласуваат и глаголските времиња).
Значи, во нашиот пример, изјавата на Саркози можеме да ја пренесеме во индиректен говор: Францускиот претседател Николас Саркози изјави дека Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам.
Да се потсетиме на една важна работа. Кога зборувавме за реченичното акцентирање, нагласивме дека во новинарскиот израз често се инсистира на инверзии, чија цел е најважните делови од реченицата да дојдат напред. Во нашиот пример, во принцип, поважна е информацијата што зборува Саркози, одошто информацијата кој е тој што вели дека Европа треба да биде носител на идеите за новиот светски капитализам. Според тоа, реченицата може да ја пренесеме и вака: Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Ако се пренебрегнат интерпункциските знаци, ова е практично идентична реченица со вториот начин на пренесување на директниот говор. Сепак, формално, овде станува збор за индиректен говор, типичен за новинарското изразување.
Од стилистички аспект, важно е да се нагласи дека пренесувањето на директниот говор има големо значење во нашиот исказ. Директниот говор придонесува тој да биде жив, веродостоен, уверлив, силен. Директните искази треба да се приспособат на развојот на текстот, да се пласираат одмерено и навремено, тогаш кога е потребно да се актуализира дејствието, да се засили основниот конфликт, да се подигне нивото на драмска напнатост и да се постигнат други стилски ефекти. Од друга страна, цитатите не треба да го задушат текстот и во нив да бидат пренесувани информации од второстепено значење, кои вообичаено се пласираат во парафрази.
Во цитатите пренесуваме мислења, ставови, емоции
Од последново произлегува уште една важна карактеристика на цитатите, особено на тие во новинарското изразување – во директен говор (во цитати) ги пренесуваме мислењата, ставовите и емоциите на говорникот. Понекогаш, во послободните форми, каква што е репортажата, на пример, или во книжевните форми, на говорникот ќе му дозволиме во директен говор и да раскажува, да опишува или да расправа. Но, во принцип, информациите ги пренесува нараторот, а во цитатите се пренесуваат силните изјави на говорникот – рековме веќе, тие што содржат мислења, ставови и емоции.
Спомнатата изјава на Саркози авторот ја комбинирал со една интересна парафраза: „Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам”, изјави францускиот претседател Николас Саркози, додавајќи дека глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот. Мене ми се чини дека делот од изјавата на Саркози, во која тој нешто „додава“ за предавството на вредностите на капитализмот, што винарот ја пренел во индиректен говор, е мошне силен. Таа полуреченица содржи директен став, па дури и една нагласена емоција на говорникот, за што сведочи употребата на магичниот збор предавство. Според тоа, не само што новинарот морал и овој дел од изјавата да го пренесе во директен говор, туку пожелно е со него цитатот да почне. Вака: „Глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот. Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам“, изјави францускиот претседател Николас Саркози.
Нашите новинари многу често постапуваат обратно – највозбудливите делови од изјавите на говорниците ги парафразираат, додека во директен говор го пренесуваат она што треба да се парафразира. Еве еден таков пример:
Министерот за здравство Бујар Османи изјави дека е шокиран од скандалот на Хируршките клиники и дека ќе ја испитува кој е одговорен за расипаниот апарат во лабораторијата.
– Решив да формирам стручна комисија од Министерството, која ќе процени што се случило таа ноќ на клиниката – објасни Османи.
Новинарот треба уште еднаш внимателно да ја преслуша или да ја препрочита изјавата на министерот, да открие кои зборови ги соопштуваат ставот и емоциите на налутениот министер и нив да ги пренесе во директен говор. Еве вака:
– Шокиран сум од скандалот на Хируршките клиники. Ќе испитаме кој е одговорен за расипаниот апарат во лабораторијата – изјави министерот за здравство Бујар Османи.
Тој објасни дека решил да формира стручна комисија од Министерството, која ќе процени што се случило таа ноќ на клиниката.
И уште нешто важно за цитатите – во печатот тие секогаш внимателно се редактираат. Пожелно е луѓето да зборуваат користејќи го стандардниот јазик, во јасни и оформени реченици, без грешки. Но, тоа обично не се случува. Во печатот можеме ваквите искази да ги „преведеме“ во разбирлив, разговорен, но формално коректен исказ, кој нема да отстапува од суштината на кажаното. А кога веќе можеме, нема причина тоа да не го правиме.
Слободен индиректен говор
Посебен облик на индиректен говор е т.н. слободен индиректен говор. Слободниот индиректен говор има облик на индиректен говор, но лексика и фразеологија на директен говор. Со други зборови, исказот му припаѓа на ликот што зборува (за тоа сведочат употребената лексика, синтаксичката и интонациската вообличеност, сочуваната експресија), но формално е презентиран како да му припаѓа на нараторот. Понекогаш дури и не е јасно кога престанува да зборува ликот, а кога почнува нараторот.
Во нашиот пример со Саркози, неговата изјава ќе ја збогатиме и ќе ја пренесеме во слободен индиректен говор: „Глобалната економска криза претставува предавство на вредностите на капитализмот“, изјави францускиот претседател Николас Саркози. Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам. Невозможно е евро зоната да продолжи да функционира без јасно дефинирано економско управување. Затоа, Саркози предлага да се формира европска „економска влада“. Барем две реченици во овој мал текст формално му припаѓаат на нараторот (реченицата Европа мора да биде носител на идеите за измени на основите на светскиот капитализам и реченицата Невозможно е евро зоната да продолжи да функционира без јасно дефинирано економско управување). Но, од контекстот недвосмислено е јасно дека станува збор за изјави на Саркози.
Слободниот индиректен говор често се употребува во книжевноста, но и во есеите, расправите, новинарските анализи и колумни и во други жанрови. Сепак, оваа форма на пренесување на зборовите на говорникот треба да се користи мошне внимателно – контекстот секогаш треба јасно и недвосмислено да покажува кој зборува, ликот или нараторот (освен во ретките случаи, главно во литерарните нарации, кога мешањето всушност е смислена постапка што треба да предизвика посебен стилски ефект).
Дијалог за драмска напнатост
Многу почесто во литерарните форми и во филозофските расправи, а поретко во новинарскиот израз, се користи и дијалогот односно директното пренесување на разговор меѓу два или повеќе лика. Дијалогот вообичаено е приспособен на дејствието и ја нагласува индивидуализацијата на ликовите. Еве еден извонреден пример на дијалог, во извадок од расказот „Пеперуга со златен прав„ на Живко Чинго:
Девојките само името негово што го чуја, дланките на лице си ги ставија на устите. – Лем, Лем, – шепотеа, летаа, пеперуги стануваа.
– Лем не е ѓавол, – рекоа девојките.
– Сте полуделе, девојчиња, – им се заканивме – Внимавајте што говорите!
– Не сме полуделе, – се правдаа девојките? – Лем не е ѓавол.
– Што е тој, – прашаа сите момчиња. – Што е Лем?
– Ех, – издивнаа девојките, – Лем е нешто друго…
– Што друго, проклет да бидам, ќе излудеа сите момчиња, – што можеше да биде Лем?
– Не се објаснува, момчиња, – рекоа девојките, – не се објаснува тоа така…
Тие повторно почнаа да го шепнат Лемовото име. Лем, пеперуга со златна прав на криљата, пеперуга царица меѓу пеперугите, чинам мрмореа девојките или нешто слично, момчињата со ококорени очи гледаа во нив, – другарот Лако најде сили за да праша:
– Што ви е, девојки, здрави ли сте?
Девојките не слушаа, девојките беа во воздухот, девојките беа високо во небото.
– Можеби се маѓепсани, – шепна Брак, – ох, девојките се маѓепсани, помисливме девојките беа разболени, си ги подгризуваа устите изговорувајќи го Лемовото име. – Ех, Леме, братучед Леме, каде си сега, во рајот или во пеколот, – сеедно, девојките се растопија како утринска капка изговорувајќи го твоето име, мед од уста им капеше. Пеперуга со златна прав на крилата им леткаше во очите.
– Лем, – рекоа девојките, – Лем е вистинско момче!
Сите занемевме, никој не веруваше дека толку ги заслепил ѓаволскиот Лем. Некое од момчињата со слаб глас рече:
– Зборувајте, девојки, што е Лем, што е тој скот над скотовите!
– Лем е сѐ, – рече една од девојките. – Тој може сѐ…
– Што може уште, – прашаа момчињата одвај додржувајќи се да не прснат.
– Сѐ може, – рекоа во глас девојките, Лем е сонце, Лем е ветар, Лем е срце…
– Доста, – им заповеда другарот Лако на девојките, тие не умееја да запрат штом еднаш ќе почнеа да говорат за Лем. Потоа побара да влезе во записник – Лем ги маѓепсал девојките, Лем е се, сонце, ветар, пеперуга со златна прав …
– Што сега, – прашаа момчињата, – тој сите ги опчинил, – како да се спасиме, – рекоа сите.
– Напред, – рече другарот Лако, – мораме да го пронајдеме, мораме да се спасиме.
Од овој пример јасно се гледа како дијалогот го актуализира дејствието и колку ја засилува драмската напнатост, подготвувајќи го теренот за амплитудата на возбудата што допрва следува. Тоа се причините поради кои дијалогот често се употребува и во некои новинарски форми. Еве како тоа изгледа во една моја колумна од 2005 година, чиј наслов е „Задача“:
Знаеш ли ти, ќерко, дека нашево школство пет пари на вреди? Овде, во весников, пишува дека ќе мора да учиш 24 часа дневно за да завршиш факултет. А џабе, сѐ што учиш немало врска со Европа. Еве, во црна книга нѐ запишале. Црно ти се пишува, така да знаеш.
Таа ја крева главата за миг. Ме гледа бело. Потоа пак го збрцува носот во учебникот по математика и со моливот нешто шара. Учи. Нема време за советите на својот родител, загрижен за нашиот нереформиран образовен систем. Ваму светот се распаѓа, а таа учи. Да поправи тројка.
Види, ќерко, овде пишува дека на нашите факултети немало кредит-систем. Знаеш ли што значи тоа? Ако учиш во Македонија, не ти се признава во Европа. Или, така некако. А знаеш ли што е чарето? Ќе мора да те запишеме во странство. Таму е скапо, ама полесно се учело. Се полагало со тестови со сликички, како кај нас возачки испит.
Таа ја подига главата и гледа низ мене како низ џам. Го грицка моливот. Размислува. Тато, дали можеш да ми помогнеш да решам една задача?
Јас и математиката секогаш сме биле два различни света. Ама, си велам, ќерка ми е прва година гимназија. Не е ни математичка, туку онаа на Маршалот. Мора да е нешто просто, делење-множење. Да слушнам!
Еве ја задачата. На прашањето колку години има синот, таткото одговорил: пред пет години бев пет пати постар од него, а по три години ќе бидам три пати постар од него. Колку години има синот, а колку таткото?
Боже, какви глупости ги учат децава! Имаат право странцине. Го земам моливот и чкртам. Овде икс, таму ипсилон, па заграда. Ќерка ми ме гледа право в очи. Сфаќа дека блефирам. Чкртам и со забите. Уште малку, ќе почнам да се препотувам. Слушај, ќерко, таткото секако имал доволно години да му врзе една на синот. Ете, тоа ти е мојот одговор.
Ама, тато, ова е задача од системот на линеарни равенки со две непознати!
Знам, ќерко, ама деца на твоја возраст треба да учат едноставни, практични работи. На пример, да дефинираат што е тоа птица. Ајде, кажи, што е тоа птица? Ете, не знаеш. Птица е животно со пердуви. Трт!
Таа ме гледа разочарано. Невина жртва на нашето нереформирано и непрактично образование. Потоа пак ја нурнува главата во учебникот. И глеј, миг потоа широка насмевка се разлева на нејзиното лице. Таа почнува весело и брзо да шара со моливот. Многу иксови, ипсилони и загради. Потоа го превртува листот и задоволно се смешка.
Добро де, ќе кажеш или уште ќе ме држиш во неизвесност?
Прво речи извини.
Извини, ќерко.
Синот има 13, а таткото 45 години. А тебе ти растат пердуви. Трт!
Како што забележавте, во оваа колумна сум решил директниот говор да не го издвојувам со интерпункциски знаци. Уметничката постапка тоа понекогаш го дозволува. Како и да е, овој, но и многу други примери во нашето новинарско творештво, покажуваат дека дијалозите можат значајно да го збогатат новинарскиот израз и да ги доближат новинарските текстови до магијата на „убавото писмо“ (belles lettres – француски збор од кој е изведен зборот белетристика).
(Во следното продолжение: Да ја искористиме силата на аргументите, а не аргументот на силата!)
Илустрација: pixabay.com