Посебна форма на развивање на дејствието е т.н. анегдотска нарација. Зборуваме за раскажување збогатено со шеговити изрази и со мноштво стилски фигури со кои авторот постигнува хуморен ефект. Ваков тип нарација најчесто среќаваме во некои специфични книжевни форми (хуморески, козерии), но сѐ повеќе и во слободните новинарски форми (коментари, колумни, репортажи).
Кишон – еден од големите мајстори на хуморот
Еве еден извадок од расказот „Великан на малиот екран“ од Ефрем Кишон:
Пред големиот пресврт живеев во апсолутна анонимност. Многу ретко ме погодуваше среќата да доживеам јавно признание. Така, на пример, мојата „Еврејска енциклопедија“ (во два тома) најде посебно место во рубриката „Нови книги“ на извесно женско списание: „Е. Киш. Евр.Енц. том 24“. Еднаш додека бев на годишен одмор успеав да се качам на врвот на Килиманџаро, и во случај дописникот на агенцијата Ројтер да не фатеше грип баш тогаш, сигурно ќе ме споменаа на радио. Неколку години подоцна, кога ја искомпонирав Десеттата Бетовенова симфонија, добив во ено списание кое излегува на јидиш сосем пристојна критика во рубриката „Направи сам“. Паметам уште еден светол момент во животот: кога го открив лекот против рак, ме прими министерот за здравство и цели седум минути се задржа во разговор со мене, до моментот кога стигна уругвајската делегација. Има ли уште нешто? Ах, да, кога излезе мојата „Куса историја на еврејскиот народ од Аврам до Голда“, дадов интервју за ноќната програма на радиото. Но, за обичниот човек од улица, останав непознат.
И тогаш, како што реков, настапи големиот пресврт.
Дојде од ведро небо и тоа на среде улица. Ми пријде некое дете, ми стави пред устата микрофон и ме праша што мислам за општата состојба во светот.
– Нема причини за загриженост – одговорив.
Отидов дома и не мислев веќе на тоа.
Додека со најдобрата сопруга на светот бевме седнати да вечераме, одненадеж од соседната соба, каде што децата вечераа седејќи на подот и гледајќи телевизија, се зададе продорен извик. Веднаш потоа на вратата се појави мојот син Амир, растреперен од возбуда.
– Тато – рече со напор. – На телевизија… тато… беше на телевизија…!
Викаше уште нешто неразбирливо, сѐ додека толку не се закашла што не можеше ништо да каже. Докторот, кого што веднаш го повикавме, не можеше ни да дочека да влезе во собата, туку почна да вика уште од степениците:
– Ве видов! Чув што рековте на телевизија! Нема причини за загриженост!
Дури тогаш ми текна дека покрај она детено со микрофонот стоеше уште едно дете со некоја работа во раката и дека нешто тивко зуеше додека јас го изнесував моето мислење за општата состојба.
Во тој момент заѕвони телефонот.
– Ви благодарам од сѐ срце – изусти растреперен женски глас. – Веќе шеесет години живеам во Ерусалим и ви благодарам во името на човештвото.
Стаса и првото цвеќе. Претставник на парламентот ми испрати букет со пораката: „Вашиот бестрашен оптимизам ми остави длабок впечаток. Ви посакувам успех во понатамошната работа и Ве молам да ми пратите две фотографии со автограм“.
Оваа, четириенаесетта по ред статија од серијалот посветен на сите што сакаат да ја унапредат својата вештина на пишувањем е посветена на анегдотската нарација (хумор и сатира). Прочитајте зошто и понудете и вие свои примери.
Расказот на Кишон продолжува, развивајќи ја големата хипербола, стилска фигура толку типична за хумористичните раскази на овој познат автор. Можеби Кишон е еден од најдобрите примери за вистинските вредности на хуморот и на сатирата, кои во нивната длабока суштина не се облик на искажување злоба, туку обратно – на човештина.
Хуморот и сатирата во новинарските форми
Анегдотската нарација и елементите на хумор и сатира (афоризми, вицеви, епиграми и слично), многу често се користат и во новинарските форми. Меѓу македонските колумнисти има одлични искусни автори кои често користат такви елементи, но јас сепак се определив да претставам еден исклучително млад, но талентиран автор. Неговото име е Срѓан Стојанчев, а насловот на неговата колумна објавена во „Шпиц“ гласи „Сина крв“. Еве извадок од таа колумна:
Царот си замина, а не го крунисавме. А според еуфоријата што го зафати, пред сѐ, црковниот врв, очекував на свечена литургија, откако ќе го покрстат, да го прогласат Газанфар Али Кан за крал на сите Македонци, одовде до Пакистан. Колку да се знае кое чијо е.
Зашто несомнено е дека ние и Хунзите сме ист народ. Нивните и наши предци, откако тргнале во поход по светот, барале место слично на ридестиот Балкан, за да се скрасат. И го нашле ридестиот Пакистан, да ги потсетува на дома. И покрај дупката од 2.300 години, сличностите со Хунзите се очигледни. И кај нив до пред дваесетина години жените не се бричеле под пазуви, мажите на плажа го вовлекуваат стомакот, а нивните деца често се успиваат кога на првиот час имаат математика. И ние како и нашите пакистански браќа не јадеме месо. Не знам од кои причини не јадат Хунзите, но Македонците стануваат вегетаријанци од економски причини.
Соседот Киро, стечаец од Газела, е исти принцот Газанфар. Чичко Киро едвај го подели имотот во прилепско со брат му. Ги продаде нивчињата што му припаднаа и го отплати општествениот стан. Со остатокот од парите ја загради големата тераса. Кај и да е, синот треба да се жени, па да имаат децата кај да спијат. Владата го донесе законот за стечајци и сега со тие пари ќе може да си го плаќа парното. И таман помисли завалијата дека и нему му тргнало во животот, кога на телевизија го гледа принцот како да се гледа себеси. Плукнат Киро.
Соседите прикажуваат дека од страв, одамна изгубениот брат да не си побара половина од станот, Киро легнал болен и не разговарал со никого. Од кревет станал дури откако кралското семејство го накити владиката Агатангел, како што невоспитаните дечишта го китеа репортерот на Канал 5 за Нова година на скопскиот плоштад, и заминаа во далечните краишта на нашата древна татковина. Се раскажува дека потоа цели три часа Киро со уживање го препрочитувал имотниот лист, среќен дека си останал свој на своето.
Езоповски јазик
Хуморот и сатирата се нарекуваат и езоповски јазик, бидејќи во одредени општествени прилики тие се единствениот начин да се демонстрира критички однос кон стварноста. Тоа го почувствував пред околу четврт век, во „Остен“, каде што беше мојот прв професионален ангажман. Плејада извонредни автори, хумористи, сатиричари и афористичари ги нижеа своите дела секоја недела, исполнувајќи ја од комунистичката партија зададената улога весникот за хумор и сатира да биде мал процеп во гранитната структура на контролираните медиуми, процеп низ кој повремено ќе дува критичко и слободно мислење, за да се создава привид дека и во Македонија има слобода на говорот.
Во денешно време, кога основните демократски слободи се извојувани (да се надеваме, еднаш засекогаш), хуморот и сатирата сепак опстануваат, бидејќи понекогаш грдата вистина полесно се прифаќа ако биде кажана низ шега.
(Во следното продолжение: Што се пренесува во цитати, а што во индеректен говор?)
F=Фотографија: pixabay.com