Напредуваме. Посветивме многу внимание на зборовите и на фразите, а потоа научивме како од нив составуваме прости и сложени, кратки и развиени реченици. А речениците, пак, се групираат во параграфи (во нашиот јазик се среќава и терминот пасус, но ние сепак ќе се определиме за зборот параграф).
Како што е познато, параграфите се означуваат со посебни графички средства – секој параграф почнува со вовлечен, нов ред и трае до следниот нов ред. Смислата на ова обележување не е само да сигнализира дека параграфот е посебна, самостојна и основна структурна единица на композицијата на текстот – важно е и текстот графички да се „разбие“ во делови, за така полесно да се чита.
Еден параграф – една мисла
Главна одлика на параграфот е што содржи една главна, централна идеја, една фокусна мисла, една органски логичка, наративна, кохерентна и самостојна секвенца во рамките на текстот. Од оваа дефиниција произлегуваат следните карактеристики на параграфот.
Прво, тој мора да содржи една фокусна мисла. Еден параграф, една идеја – не две, три или повеќе. Исклучоци, се разбира, секогаш има, но мора да бидеме внимателни, бидејќи најчестата грешка во параграфирањето е кога се трудиме во еден параграф да соопштиме повеќе идеи, при што дури не е секогаш јасно кои од нив се главни, а кои споредни.
Второ, основната мисла во параграфот треба да се заврши, да се објасни, да се „одбрани“, пред да се премине на следната идеја и на следниот параграф. Не е препорачливо една идеја да се разбива во повеќе параграфи, бидејќи така се губи основната смисла на параграфирањето.
Важноста на идејата за целината на текстот ја определува големината на параграфот. На најважната идеја, природно, мора да ѝ посветиме најголемо внимание, а тоа секако ќе се одрази на големината на параграфот. Од друга страна, големината на параграфот понекогаш ја определуваат други фактори, кои не се нужно поврзани со неговата функција во композицијата на текстот. Така, на пример, новинарското изразување во печатот налага да пишуваме кратки параграфи. Ова барање е поврзано со навиките на читателот и со неговите потреби.
Оваа, дванаесетта по ред од серијата статии посветени на тие што сакаат да ја унапредат својата вештина за пишување, како и следната, се за параграфирањето. Верувам дека до сега на разни места сте прочитале многу статии за јазикот, во кои се коментира за зборовите и за речениците, теми на кои и ние им посветивме големо внимание. Но, мислам дека стручните текстови публикувани за пошироката јавност, кои се однесуваат на прашањето на структурирањето на параграфите и на текстот како целина, се прилично ретки. Затоа, мојот совет е да им посветите посебно внимание на оваа и на следната статија.
Во таков, но и во други случаи, правилото „еден параграф – една мисла“ може да се судри со начелото на рамномерност, кое нѐ упатува на тоа дека параграфите во нашиот текст треба да имаат рамномерна големина. Решението на проблемот треба да се побара на друга страна – централната идеја може да се расчлени на неколку идеи, кои ќе бидат разработени во повеќе посебни параграфи, по кои ќе следи премин кон новата идејна секвенца, кој ќе се означи со посебна модална фраза или реченица од транзитивен карактер.
Трето, големината на параграфите често ја определува и видот на нашиот текст. Во прозните текстови, долгите параграфи вообичаено се одлика на доминација на дескриптивно-наративните над драмските елементи. Обратно, во кратките параграфи се чувствува присуство на емотивни и драмски елементи (драмски елемент е директниот говор, кој во новинарските текстови секогаш се пренесува во посебен параграф – цитатот треба да почне со нов ред и со него параграфот мора да заврши).
Повторувам, новинарите треба да знаат дека во новинарскиот израз се стремиме кон употреба на кратки параграфи. Според тоа, кон ова барање треба да се приспособи и начинот на нижење на идеите, нивната разработка и целокупната композиција на текстот.
И четврто, параграфите понекогаш се поврзуваат едноставно и логички, така како што се нижат и нашите мисли, но често е неопходно да се употребуваат транзитивни елементи. Поврзувањето на параграфите треба да обезбеди логично и ефикасно напредување на текстот од почетокот кон својот крај. Не е секогаш лесно тоа да се постигне. Напротив, за да се задоволи тоа барање, потребна е креативност, но и вештина и рутина.
Структура на параграфот
Основната идеја на параграфот ја одразува неговата фокусна реченица. Таа е најважен елемент на структурата на параграфот. Да се обидеме да ги идентификуваме фокусните реченици во новинарскиот извештај под наслов Книжевната награда „Балканика“ за српскиот писател Владислав Бајац, кој се состои од четири, релативно куси и рамномерни параграфи.
(1) Српскиот писател Владислав Бајац вчера ја доби книжевната награда „Балканика“, за книгата „Хамам Балканија“. Прогласувањето се случи во Скопје, а организатор на единаесеттото доделување на „Балканика“ беше издавачката куќа „Магор“.
(2) Бајац (1954, Белград) е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи, како и добитник на награди на светскиот конкурс за хаику-поезија во Токио, во 1991 и во 1993 година. Неговата проза и поезија се преведени на десетина странски јазици, а негови дела се објавени во Франција, Македонија, Бугарија и во Русија. Во моментов е директор на издавачката куќа „Геопоетика“ во Белград и е потпретседател на српскиот ПЕН центар.
(3) За годинашната награда „Балканика“ конкурираа четири романи и две поетски дела – на Алек Попов од Бугарија, Башким Шеху од Албанија, Такис Теодоропулос од Грција, Аура Кристи од Романија и на македонската писателка Лиљана Дирјан. Со жирито претседаваше Василе Андру од Романија, а негов член од Македонија беше Елизабета Шелева.
(4) Единствен македонски добитник на високото книжевно признание на Балканот е писателот Венко Андоновски. Тој „Балканика“ ја доби во 2002 година, за романот „Папокот на светот“.
Да ги идентификуваме сега фокусните реченици односно носечките идеи во секој параграф. 1. Српскиот писател Владислав Бајац ја доби книжевната награда „Балканика“, за книгата „Хамам Балканија“. 2. Бајац е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи. 3. За годинешната награда „Балканика“ конкурираа четири романи и две поетски дела. 4. Единствен македонски добитник на највисокото книжевно признание на Балканот е писателот Венко Андоновски.
Фокусните реченици – ‘рбетот на текстот
Како што може да се забележи, со просто поврзување на фокусните реченици, можеме да составиме дури и куса вест за настанот, што зборува дека извештајот е структуриран едноставно, школски. Но, сега ќе анализираме малку посложен текст. Станува збор за интересна приказна пренесена од лондонски „Гардијан“, под наслов „Крф сака независност од Атина“. Текстот се состои од пет поголеми, но рамномерни параграфи:
(1) Островот Крф, една од најатрактивните туристички дестинации во Медитеранот, за прв пат во својата историја најавува дека ќе покрене процес за автономија и за отцепување од Атина, пишува лондонски „Гардијан“. Весникот наведува дека разидувањето меѓу локалното население и тамошните бизнисмени и владата во Атина е мошне големо, а луѓето од островот се гневни на грчките политичари, кои го имаат целосно заборавено Крф, иако од него секоја година извлекуваат милијарди евра.
(2) Политичарите во главниот грчки град се обвинуваат дека се вовлечени во многубројни скандали и дека големите пари што ги добиваат од Европската унија за побрз развој на недоволно развиените подрачја на земјата, главно завршуваат во нивните џебови. Затоа, група од најугледни претставници на островот ќе формираат партија која за две години ќе се појави на локалните избори и ако победи, таа веднаш ќе организира референдум за отцепување од Грција.
(3) Хари Цукалас, истакнат претприемач од островот, кој стои зад барањето за автономија, вели дека приклучувањето на Крф кон Грција во 1864 година било „голема грешка, поради која луѓето од островот ќе жалат засекогаш“. Автономистите се жалат дека грчката централна влада на Крф не вложува ништо, па островот изгледа запоставен и запустен, со патна мрежа која е изградена уште од времето кога Британците владееле со Крф во средината на 19 век. Островјаните се жалат дека ниту во 2008 година Крф нема болница, а новороденчиња сѐ уште умираат поради тоа, иако таму живеат 150.000 луѓе, меѓу кои и 15.000 британски државјани.
(4) Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за „Гардијан“ вели дека плановите за автономија се „чиста глупост“. Тој се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за автономија, ниту пак за отцепување на островот. Весникот потсетува дека политичката состојба на Крф е отежната по крвавите немири што се организирани од незадоволните островјани, во кои при интервенција на специјалната полиција, дојдена од Атина, загинаа една жена и две деца. „Ниту во времето на диктатурата на полковниците, грчките влади не испраќаа специјалци против голоракиот народ“, вели Цукалас.
(5) Крф во својата историја имал многу господари, а дел од Грција е од 1864 година, кога Британците одлучиле да им го предадат на атинските власти. За возврат, Грците се согласиле да прифатат крал кој бил близок до британската круна.
Еве ги фокусните реченици на параграфите. 1. Островот Крф за прв пат најавува дека ќе покрене процес за автономија и за отцепување од Атина. 2. Група од најугледни претставници на островот ќе формираат партија, која ќе се појави на локалните избори и ако победи, ќе организира референдум за отцепување од Грција. 3. Автономистите се жалат дека грчката централна влада на Крф не вложува ништо, па островот е запоставен и запустен. 4. Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за отцепување на островот. 5. Крф е дел од Грција од 1864 година, кога Британците одлучиле да им го предадат на атинските власти.
Ваквото разложување и определувањето на фокусните реченици на параграфите е многу полезна вежба, но не само за да разбереме дека околу нив се развива целата структура на параграфот и на целината на текстот. Има и една друга, практична причина да посветиме посебно внимание на ваквите вежби. Имено, наједноставниот начин да се испланира и да се организира еден текст е да се смислат и да напишат фокусните реченици, кои ќе бидат ‘рбетот на текстот.
Други елементи на параграфот
Фокусната реченица вообичаено е воведната реченица во параграфот. Така е со сите фокусни реченици во извештајот за лауреатот Бајац, на пример. Но, не мора секогаш да биде така. Всушност, често се случува потребата од покреативна транзиција меѓу параграфите да нѐ наведе воведната реченица во параграфот да биде посебна, транзитивна реченица. Нејзината задача е да го поврзе новиот параграф со претходниот, вообичаено со последната реченица од претходниот параграф.
Пример за тоа е вториот параграф во приказната за Крф. Тој се состои од две реченици, од кои фокусната, таа за најавата за партија и за референдум за отцепување, сепак е втората реченица. Првата реченица во параграфот е транзитивна – таа зборува за политичарите во Атина кои своите џебови ги полнат со пари од Европската унија и така се надоврзува на последната реченица од првиот параграф, во која се зборува дека луѓето од островот се гневни на политичарите.
И во четвртиот параграф фокусната реченица не е првата, туку втората. Воведната реченица (Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за “Гардијан” вели дека плановите за автономија се „чиста глупост“) го поврзува четвртиот со крајот од вториот параграф. Ова може да се смета за грешка во поврзувањето на параграфите, која се нарекува „коњички скок“. Но, се разбира, структурирањето на текстот не може секогаш да биде математички прецизно и совршено. Би било дури и здодевно да е така.
Покрај транзитивната и фокусната реченица, параграфот содржи една или повеќе реченици со поддржувачки факти. Така, на пример, воведната фокусна реченица во вториот параграф во извештајот за добитникот на „Балканика“ (Бајац е автор на неколку стихозбирки, книги раскази и романи, како и добитник на награди на светскиот конкурс за хаику-поезија во Токио, во 1991 и во 1993 година.) е поддржана од две реченици со поддржувачки факти, кои ја дообјаснуваат главната мисла (Неговата проза и поезија се преведени на десетина странски јазици, а негови дела се објавени во Франција, Македонија, Бугарија и во Русија. Во моментов е директор на издавачката куќа “Геопоетика” во Белград и е потпретседател на српскиот ПЕН центар.)
Конечно, параграфот може, но не мора да содржи и излезна реченица, чија цел е да послужи како ефектен крај или заклучок на темата на параграфот или како можност за поврзување со следниот параграф. Еве, на пример, како изгледа разложена структурата на четвртиот параграф од приказната за Крф.
Транзитивна реченица: Претставникот на владејачката грчка партија Нова демократија на Крф, за „Гардијан“ вели дека плановите за автономија се „чиста глупост’. Фокусна реченица: Тој се заканува дека Атина никогаш нема да прифати разговори за автономија, ниту пак за отцепување на островот. Реченица со поддржувачки факти: Весникот потсетува дека политичката состојба на Крф е отежната по крвавите немири што се организирани од незадоволните островјани, во кои при интервенција на специјалната полиција, дојдена од Атина, загинаа една жена и две деца. Излезна реченица: „Ниту во времето на диктатурата на полковниците, грчките влади не испраќаа специјалци против голоракиот народ“, вели Цукалас.
(Во следното продолжение: Техники на поврзување на параграфите)
Фоторафија: pixabay.com