НАТО НЕМА ДА СЕ ПРОШИРУВА, ЕВРОПА МОРА ДА СЕ БРАНИ САМА Новата стратегија на САД драматично го менува ставот и најавува отпор кон европската политика
Документот тврди дека Европа е на пат на „цивилизациско истребување“ поради високата миграција и ниската стапка на наталитет и ги обвинува европските влади за поткопување на демократијата.
Новата стратегија за национална безбедност на САД, што беше објавена денеска, драматично го менува ставот на САД кон Европа и повикува на посилен отпор кон сегашните политики на ЕУ, објави Фајненшл тајмс.
Обвинувања против Европа
Документот тврди дека Европа е на пат на „цивилизациско истребување“ поради високата миграција и ниската стапка на наталитет и ги обвинува европските влади за поткопување на демократијата.
Стратегијата ги обвинува европските лидери за блокирање на американските напори за завршување на војната во Украина и на игнорирање на „големото европско мнозинство кое сака мир“.
Во текстот се наведува дека брз прекин на непријателствата е од суштинско значење за стабилизирање на европските економии, спречување на ескалација или ширење на војната и повторно воспоставување стратешка стабилност со Русија.
Стратегијата беше објавена денеска, паралелно со новиот обид на американскиот претседател Доналд Трамп да протурка мировен договор за Украина, за кој Киев и европските престолнини веруваат дека е во корист на Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
Страв во европските престолнини: Дали САД ќе го принудат Киев на отстапки?
Фајненшл тајмс пишува дека документот предизвика нервоза во европските престолнини поради загриженоста дека Вашингтон е подготвен да го принуди Киев да направи отстапки од црвените линии.
Стратегијата од 33 страници потврдува радикална промена во надворешната политика на САД и ја става доминацијата на САД над Западната хемисфера како главна цел.
„Деновите во кои САД го носеа целиот светски поредок како Атлас се завршени“, се вели во документот.
Американски повик за отпор кон политиките на ЕУ
Стратегијата го истакнува растечкиот идеолошки јаз меѓу Вашингтон и традиционалните европски сојузници и ја опишува Европа како континент каде што „економскиот пад е засенет од уште посериозна закана – цивилизациски пад“.
САД повикуваат на „култивирање отпор кон сегашната европска траекторија во рамките на европските нации“.
Документот го фали растечкото политичко влијание на евроскептичните екстремно десничарски партии чие доаѓање на власт во европските земји би можело да ја доведе во прашање иднината на ЕУ.
„Американската дипломатија треба да ја брани вистинската демократија, слободата на изразување и нескриеното славење на националните идентитети. САД ги охрабруваат своите политички сојузници во Европа да го поддржат ова оживување на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии дава причина за оптимизам“, се наведува во документот.
Префрлање на товарот врз Европа
Фајненшл тајмс потсетува дека стратегијата силно наликува на говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги шокираше европските сојузници на Минхенската безбедносна конференција во февруари со пораката дека Европа е повеќе загрозена од сопствениот демократски пад, отколку од руската агресија.
Според стратегијата, САД сега ќе водат политика на префрлање на товарот, со цел Европа да застане на свои нозе и да ја преземе примарна одговорност за сопствената одбрана.
Најава за повлекување на американските сили од Европа?
Документот повикува на „пренасочување на глобалното воено присуство на САД кон итни закани во нашето соседство“ и намалување на ангажманот во регионите кои се „помалку важни за националната безбедност на САД, отколку што биле во претходните децении“.
Оваа стратегија ќе биде проследена со преглед на одбранбената позиција на САД следната година, која треба конкретно да ги распредели американските воени ресурси според новите приоритети.
Кина – економски противник
Стратегијата ја гледа Кина првенствено како економски предизвик, наведувајќи дека САД ќе го ребалансираат економскиот однос со Кина, давајќи приоритет на реципроцитетот и на праведноста, за да ја вратат американската економска независност.
Сепак, се додава дека таков пристап „мора да биде придружен со силен и одржлив фокус на одвраќање, за да се спречи војна во Индо-Пацификот“.
„Оваа комбинација може да стане доблесен циклус во позитивна смисла – силното американско одвраќање отвора простор за подисциплинирано економско дејствување, а дисциплинираното економско дејствување создава средства за одржување на одвраќањето на долг рок“, се заклучува во документот.
Здрави нации од Централна, Источна и Јужна Европа
Во делот за Европа, во стратегијата се наведува следното.
Нашата широка политика за Европа треба да даде приоритет на:
• Повторно воспоставување услови за стабилност во Европа и стратешка стабилност со Русија;
• Овозможување на Европа да застане на свои нозе и да функционира како група сојузнички суверени нации, вклучително и преку преземање на примарна одговорност за сопствената одбрана, без да биде доминирана од каква било непријателска сила;
• Негување на отпор кон моменталната траекторија на Европа во рамките на европските нации;
• Отворање на европските пазари за американски стоки и услуги и обезбедување фер третман на американските работници и бизниси;
• Градење на здрави нации од Централна, Источна и Јужна Европа преку комерцијални врски, продажба на оружје, политичка соработка и културни и образовни размени;
• Крај на перцепцијата за НАТО како алијанса што постоано се проширува;
• Охрабрување на Европа да преземе мерки за борба против меркантилистичката прекумерна моќ, технолошката кражба, сајбер шпионажата и другите непријателски економски практики.