НАТО НЕМА ДА ИСПРАЌА ТРУПИ ВО УКРАИНА Клучните членки се дистанцираа од изјавите на Макрон
Покрај САД, Германија, Велика Британија, Шпанија, Полска и Чешката Република се оградија од каква било сугестија дека би можеле да ангажираат копнени трупи во војната во Украина, која сега влезе во трета година.
САД и клучните европски сојузници денес рекоа дека немаат планови да испратат трупи во Украина, откако Франција ја навести можноста, а Кремљ предупреди дека секој таков потег неизбежно ќе доведе до конфликт меѓу Русија и НАТО.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера рече дека западните сојузници не треба да исклучат никакви опции во обидот да се спречи руската победа во Украина, иако истакна дека во оваа фаза нема консензус.
Неговите коментари, дадени на средба на европските лидери во Париз за начините за зајакнување на поддршката за Киев, доаѓаат во време на придобивки на бојното поле на силите на рускиот претседател Владимир Путин во источна Украина, како и на зголемениот недостиг на муниција и работна сила на украинската страна.
Сепак, Германија, Велика Британија, Шпанија, Полска и Чешката Република се оградија од каква било сугестија дека би можеле да ангажираат копнени трупи во војната во Украина, која сега влезе во трета година.
„Нема да има војници на територијата на Украина испратени таму од европските земји или државите на НАТО“, изјави денес германскиот канцелар Олаф Шолц.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус беше подеднакво категоричен.
– Војници на терен не се опција за Германија – изјави Писториус за новинарите за време на посетата на Виена.
Белата куќа денеска повтори дека и таа нема план да испрати војници, наместо тоа повикувајќи ги лидерите на САД да го одобрат закочениот нацрт-закон за безбедносна помош што ќе обезбеди дека украинските војници ќе го добијат оружјето и муницијата потребни за да ја продолжат својата борба.
Сакајќи да ги разјасни забелешките на Макрон, францускиот министер за надворешни работи денес рече дека претседателот имал на ум да испрати војници за конкретни задачи, како што се помагање при расчистување мини, производство на оружје на лице место и сајберодбрана.
– Самиот факт да се разговара за можноста за испраќање на одредени контингенти во Украина од земјите на НАТО е многу важен нов елемент – изјави портпаролот Дмитриј Песков, коментирајќи ги забелешките на Макрон.
Запрашан за ризиците доколку членките на НАТО навистина распоредуваат војници за да се борат во Украина, Песков рече:
– Во тој случај, ќе треба да зборуваме не за веројатноста, туку за неизбежноста (од директен конфликт).
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, алармиран од отпорот на некои републиканци да обезбедат поголема помош за Киев, го засили лобирањето кај европските влади за повеќе артилериски гранати и оружје со поголем дострел.
Чешката Република овој месец објави планови, поддржани од Канада, Данска и други, за финансирање на брза набавка на стотици илјади муниција од трети земји за испраќање во Украина.