НАТО И РУСИЈА НАЈСКАРАНИ ОД СТУДЕНАТА ВОЈНА ПА НАВАМУ Столтенберг загрижен, разговорите да продолжат
„Мораме да разбереме дека односите меѓу Русија и НАТО се на ниско ниво. Потешко не било од крајот на Студената војна“, рече Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
„Односите меѓу НАТО и Русија се на ниско ниво, ситуацијата е најтешка од крајот на Студената војна, но треба да се остави простор за разговори“.
Вака изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, објаснувајќи ја ситуацијата меѓу двајцата противници, јавува МИА.
– Мораме да разбереме дека односите меѓу Русија и НАТО се на ниско ниво. Потешко не било од крајот на Студената војна – рече Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Столтенберг додаде дека и покрај тешкотиите, важно е да се задржат каналите за комуникација со Русија.
– Цврсто веруваме дека кога работите се тешки, кога се соочуваме со предизвици во нашите односи како што сме сега, уште поважно е да разговараме и НАТО ќе продолжи да води конструктивен или значаен дијалог со Русија – рече тој.
Русија во понеделникот објави дека ги суспендира активностите на својата дипломатска мисија во НАТО по протерувањето на осум руски службеници кои Алијансата ги окарактеризира како „непријавени руски разузнавачи“ и дека ќе ја затвори мисијата на западниот воен сојуз во Москва.
Министрите за одбрана на НАТО се собраа денеска на дводневен состанок во Брисел, што е прва средба со физичко присуство од ланскиот февруари. Во претходниот период, состаноците се одржуваа од далечина поради пандемијата на коронавирус.
Министрите ќе разговараат за идните сојузнички напори во борбата против тероризмот по повлекувањето од Авганистан и зајакнувањето на сојузничката одвраќања и одбрана.